По неколкугодишна потрага, најголемиот американски фестивал на независен филм Санденс објави дека неговиот нов дом од 2027 ќе биде Боулдер, Колорадо, откако 40 години се одржуваше во Парк Сити, Јута.
Организаторите кажаа дека фестивалот го надраснал Парк Сити зашто градот не располага со доволно киносали и сместувачки капацитети за да продолжи да биде домаќин на една од најпрестижните филмски манифестации во САД. Други градови кои беа во конкуренција за домаќин се Солт Лејк Сити и Синсинати.
„Боулдер се издвои како наш избор поради неговата близина до природата, неговиот шарм на мал град и ангажираната заедница која му обезбедува на Санденс идеален амбиент за неговата иднина. Со 100.000 жители, Боулдер е поголем град од Парк Сити и ни дава простор да се прошириме“, појаснија организаторите.
Републиканскиот гувернер на Јута, Спенсер Кокс, кажа дека Санденс ќе зажали што заминал од Јута.
„Како што велев од самиот почеток, сакавме Санденс да остане. Јасно му го кажавме тоа на нивното раководство и составивме високо конкурентен пакет. На крајот на краиштата, одлуката е нивна, но верувам дека прават грешка и еден ден ќе сфатат дека оставиле зад себе не само место, туку и свое наследство“, изјави Кокс.
Институтот Санденс е основан во 1981 од Роберт Редфорд, кој барал локација далеку од Холивуд за да им даде простор на независни филмови и филмаџии. Во 1984 институтот го презеде тамошниот филмски фестивал и 88-годишниот Редфорд, кој студирал на Универзитетот Колорадо во Боулдер, ја поддржа промената на локацијата.
Македонската кинематографија беше присутна на Санденс во изминатите години и освојуваше награди.
Документарецот „Медена земја“ на режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска имаше светска премиера во Санденс во 2019, кога освои три награди: Главната награда од жирито во програмата Светски филм за документарци, Специјалната награда од жирито за влијание за промена (Котевска и Стефанов) и Специјалната награда за камера (Фејми Даут и Самир Љума).
Краткиот филм на Георги Унковски „Налепница“ беше во селекцијата на Санденс во 2020, а неговиот прв игран филм „Диџеј Ахмет“ освои две награди оваа година.