Францускиот поет, есеист, прозаист и драмски автор Жан-Пјер Симеон е годинашен добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата (СВП), соопшти денеска професорката Елизабета Шелева, претседателка на Управниот одбор на Фестивалот. Шелева и директорот на СВП Тодорче Тасевски говореа за фестивалот на свеченост во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) на Светскиот ден на поезијата.
Наградата на лауреатот ќе му биде врачена на поетското читање „Мостови“, една од централните манифестации на годинешното издание на фестивалот, кој ќе се одржи од 22 до 26 август.
„Жан-Пјер Симеон е ценет поет, со широк распон на својот творечки потенцијал, реализиран во неколку жанровски подрачја. Тој e сестран автор, комплексна творечка фигура и поливалентна личност: интелектуалец, ерудит, поет, уредник, есеист, прозаист, драмски автор, хуманист“, рече Шелева.
Поетот, драматург и есеист, Жан-Пјер Симеон е роден 1950 во Париз. Како професор по модерна книжевност, тој објавил повеќе збирки поезија, романи, книги за деца и театарски пиеси.
„Се осмелив пред неколку години да напишам есеј под наслов ‘Поезијата ќе го спаси светот’. Таа безусловна афирмација од насловот им се чинеше дека е смешна на многумина на земјината топка кои веруваат дека Поезијата е само еден шармантен орнамент, една јазична игра која може да ги интересира само неколкумина остроумни лингвисти. Меѓутоа, јас сум цврсто определен да мислам дека највозвишената поезија, од видот на она пеење што е отелотворено во поетските опуси на венценосците од Струга, во оваа земја Македонија, што ги овенча бесмртните поети од многу меридијани- е израз на една меморијална и универзална визија, која единствено може да и даде смисла на човечката авантура во овој безмилосен свет. Која е таа желба, таа надеж, тој толку силен елан што е обликуван низ вековите да им се спротивставува и да ги демантира најголемите насилија на историјата. Токмy поезијата е вистинска одбрана на човекот и неговата вознемирена и безгранично отворена совест, која сака да го пронајде своето соодветно место, исполнето со неговата простосмртна желба по срцето на непознатото,за да го направи свет животот во сите негови безгранични пространства“, вели во поздравното обраќање на лауреатот Симеон.
Добитничка на наградата „Мостови на Струга“ за 2024, која што Струшките вечери на поезијата во соработка со УНЕСКО ја доделуваат за најдобра дебитантска збирка, е германската поетеса Катрин Пиц за стихозбирката „Вакви денови имало отсекогаш“.
Б. НЕСТОРОСКА