Убава и харизматична, со глас со магична моќ, минималистичка во сценскиот настап и со аура на благородничко божество, таа едноставно беше совршена.
Елина Гаранча од Латвија, за која познавачите на операта велат дека во моментов е најдобриот мецосопран во светот го освои Античкиот театар во Охрид, во вторникот навечер на отворањето на 56. Охридско лето.
Настапи сo програма конципирана од својот менаџмент која имаше приказна водена од нејзините ликови во опери од Чајковски, од Сен-Санс, за да продолжи со Кармен. Во меѓувреме Оркестарот на Македонската опера и балет во неверојатно добро издание воден од романскиот диригент Јон Марин, кој е во врвот на европската класа, свиреше пасажи и увертири од опери кои ја подгреваа атмосферта околу големата Гаранча како „Медитација“ од Масне или „Баханалии“ од „Самсон и Далила“, за што добиваа искрени аплаузи кои пак беа менаџирани од самиот Марин.
Одушевената публика ја врати расположената Гаранча два пати на бис. Таа отпеа не штедејќи се подеднакво емотивно и силно интерпретативно како да е во Метрополитен или во Миланска скала, арија од Чапе, а за самиот крај „Гранада“ со која на триумфален начин го затвори концертот кој секако ќе остане едно од најзапаметените отворања на настариот и најголем фестивал во земјава.
Воодушевени по концертот беа сите изведувачи од Оркестарот, а Елина расположена се фотографираше со сите обожаватели долго зад сцената. Рече оти е почестена што имала прилика да се увери дека се работи за врвен настан од светски калибар, со публика чија топла и едуцирана енергија и самата ја почувствувала, што е ретка привилигеија за секој уметник.