ГДИЊА, ПОЛСКИОТ ГРАД ИЗГРАДЕН ВО СТИЛОТ НА МОДЕРНИЗМОТ, ДОБИ СТАТУС НА СВЕТСКО НАСЛЕДСТВО НА УНЕСКО

    ГДИЊА, ПОЛСКИОТ ГРАД ИЗГРАДЕН ВО СТИЛОТ НА МОДЕРНИЗМОТ, ДОБИ СТАТУС НА СВЕТСКО НАСЛЕДСТВО НА УНЕСКОГдиња е еден од најцелосните европски примери за модернистички град изграден во текот на само една генерација. (Фото: ТВП)

    Центарот на модернистичкиот балтички пристаништен град Гдиња, изграден речиси од нула во текот на двете децении меѓу Првата и Втората светска војна, денеска е впишан на Листата на светско наследство на УНЕСКО, токму додека градот ја одбележува својата стогодишнина.

    Сместен северно од историскиот град Гдањск (родното место на полското синдикално движење „Солидарност“) и приморското одморалиште Сопот, Гдиња долго време локално се сметал за „сиромашен роднина“ на тие места. Сепак, признанието од УНЕСКО го вбројува во листата од 1.273 локации, која опфаќа сè – од Големиот корален гребен во Австралија до Акропол во Атина.

    За разлика од другите модернистички урбани центри, Гдиња е изграден речиси целосно од нула околу новото пристаниште, што му дава невообичаено усогласен архитектонски карактер. (Фото: ТВП)

    Статусот доделен од УНЕСКО се однесува на локација или подрачје што ужива правна заштита поради својата посебна културна или природна вредност за човештвото.

    Гдиња е еден од најочигледните симболи на амбициите на Полска во меѓувоениот период, откако таа ја вратила својата независност во 1918, по 123 години поделба меѓу Русија, Прусија и Австро-Унгарија.

    Историчарите на архитектурата често го споредуваат Гдиња со други градови обликувани од меѓувоениот модернизам, како што се „Белиот град“ во Тел Авив (кој исто така е дел од светското наследство на УНЕСКО) и функционалистичките населби изградени во градови како Ротердам и Брно во 1920-тите и 1930-тите години.

    Сепак, за разлика од тие урбани центри, Гдиња е изграден речиси целосно од нула околу новото пристаниште, што му дава невообичаено усогласен архитектонски карактер и го прави еден од најцелосните европски примери за модернистички град изграден во текот на само една генерација.

    Исто така, годинава на листата на светско наследствона УНЕСКО е впишана и модернистичката архитектура во Ташкент, Узбекистан, репрезентативна целина од десет модернистички градби и урбани комплекси изградени во периодот од 1960-тите до раните 1990-ти – период што бил од клучно значење за обновата и трансформацијата на Ташкент по земјотресот во 1966.

    Санаториумот Паимио на финскиот архитект Алвар Алто (Фото: УНЕСКО)

    Впишни на листата се и делата на славниот фински архитект Алвар Алто, имот што опфаќа тринаесет модерни градби и архитектонски целини ширум Финска (создадени во периодот 1928–1988 година), кои го олицетворуваат модернистичкото движење од 20-тиот век и неговиот одговор на широките општествени потреби. Овие јавни, општествени и станбени објекти – лоцирани како во урбани, така и во рурални средини – меѓународно се поврзуваат со името на Алвар Алто, но истовремено ја одразуваат заедничката креативност на Алто, Аино Марсио-Алто, Елиса Алто, студиото „Алто“ и нивните партнери во проектирањето. Вкоренети во финските градителски традиции и истовремено инспирирани од глобалните модернистички идеи, овие дела изразуваат визија фокусирана на човекот, прилагодена на конкретната локација и проткаена со емпатија – визија што го одликува придонесот на Финска кон модерната архитектура.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира