Германија ќе биде земја во фокусот на 10. издание на Фестивалот на креативен документарен филм МакеДокс, што се отвора вечерва во Куршумили ан во Скопје. Во годинашната програма на фестивалот ќе бидат прикажани 70 документарни филмови од автори од цел свет, а осум од нив ќе бидат германски, со акцент на источногерманската продукција.
„Десетгодишниот јубилеј на МакеДокс се совпадна со два значајни јубилеја за слободата и културата: 30 години од рушењето на Берлинскиот ѕид и 100 години од создавањето на движењето Баухаус. Затоа програмата Земја во фокус ја посветивме на Германија, свесни дека оваа земја гради најмногу филмски копродукции во Европа. Тоа е и главниот фокус на годинашниот МакеДокс – правење копродукции како начин на рушење ѕидови и создавање на подобра работна мрежа помеѓу филмските професионалци и фестивали“, објавија организаторите на МакеДокс.
Програмата е поддржана од Гете Институтот во Скопје.
На фестивалот ќе има и посебна Чешка вечер, што ќе се одржи на 27 август во Куршумли ан, како и Детска програма, за која Меѓународниот фестивал за документарни и анимирани филмови ДОК Лајпциг селектираше 12 анимирани и докуанимирани филмови за деца од школска и претшколска возраст. Таа ќе се одвива во Младински културен центар од 23 до 27 август.
Фестивалот ќе се одвива под мотото „Десет лета МакеДокс“, а во програмата се и десет домашни документарци, што ќе кулминира на 28 август, кога на затворањето ќе се одржи македонската премиера на победникот на Санденс, „Медена земја“. Освен во Куршумли ан, ќе има проекции и во кината Милениум и Фросина.