Гламурот е минлив, славата е минлива, вечни се делата, рече режисерот Дарко Митревски, на синоќешната специјална проекција во чест на 20 години од најгледната македонска црна комедија „Бал-кан-кан“. На проекција на отвореното кино на Синеплекс, дојде дел од екипата, а Митревски, кој е сценарист, режисер и продуцент на филмот, и кој долги години живее во Калифорнија, САД, ги поздрави гостите со видеопорака.
„Приказната за бабата завиткана во тепих не ја измислив јас – тоа беше македонска урбана легенда за некое наше семејство на летување во Бугарија. Кога почнав да го подготвувам филмот, тогашната австриска амбасадорка во Скопје ме убедуваше дека оваа приказна не се случила во Македонија, туку на едно австриско семејство во времето на Студената војна во тогаш комунистичката Унгарија. Подоцна запознав и некои шпански новинари кои, пак, ме убедуваа дека тоа е шпанска приказна, која му се случила на некое шпанско семејство во Мароко. За на крај, откако филмот прошета на фестивали и беше дистрибуиран низ светот, да прочитам еден есеј на писателот Габриел Гарсија Маркес, кој вели дека постојат приказни кои им припаѓаат на сите народи и за кои сите веруваат дека токму нив им се случиле, па наведува приказна за некоја си баба завиткана во украден тепих која ја слушнал дури во три земји: Виетнам, Аргентина и Русија. Тоа значи дека загубената баба му припаѓа на целото човештво. Единствена разлика помеѓу нивните баби и нашата баба е што нашата има име: се вика баба Зумбула. И таа баба Зумбула пред 20 години во Македонија беше пославна од Бионсе и Тејлор Свифт заедно. Таа баба на ‘Бал-кан-кан’ му донесе неверојатна популарност и тој стана најгледан филм во нашата кинематографија: со 150.000 илјади продадени влезници и 20.000 илјади легално продадени ДВД примероци. Како едно мало потсетување, гламурот и славата се минливи, нашите животи се минливи – само делата се вечни. И затоа, на баба Зумбула и на ‘Бал-кан-кан’им посакувам да ни бидат вечни и вековити“, рече Митревски од Малибу.
„Бал-кан-кан“ е македонско-италијанска копродукција, меѓу „Партизанс“, „Верадиа филм“ и „Минерва“. Главните улоги ги играат Владо Јовановски, Адолфо Марџота, Ѕвездана Ангеловска и Тони Михајловски, а во екипата се и Емил Рубен, Ирена Ристиќ, Петар Мирчевски, Петар Арсовски, Кирил Поп Христов, како и српските актери Сека Сабљиќ , Бранко Ѓуриќ и Никола Којо. Кинематографер е Суки Меденчевиќ.
„Со Адолфо Марџота комунициравме без суета, без его и можеби затоа што резултатот е таков каков што е. Тој е голем актер, прекрасен човек, побратим мој и би сакал да си посакам и себе и на моите колеги, ако дал господ и во иднина да соработуваме со таков голем актер. Јас имам и кум во филм и во приватен живот, Марџота предложи да формираме Асоцијација на кумови. Кога го гледам филмот јас не можам ништо духовито или смешно да кажам, што е подуховито во филмот. Поминаа 20 години и сакав да видам на што личи филмот денес. Филмот е точен и зрее како старо вино“, рече Јовановски.
Ристиќ низ смеа рече дека „Дарко е диктатор и морав перфектно да научам италијански јазик“, а Ангеловска кажа дека уште пред да ги добијат улогите во филмот со Јовановски си купила македонско-италијански разговорник.
„Внимавај што посакуваш, може да ти се оствари“, додаде Јовановски.
„Никогаш не сум се чувствувала како филмска ѕвезда, но овој филм ме направи да се чувстуввам како ѕвезда каде и да се појавам“, рече Ангеловска.
Во филмот глумат и Бранко Огњановски и Васко Тодоров од шоуто „К-15“, и Огњановски рече дека во една од сцените каде бегаат тие двајцата, Тодоров паднал и скршил пет ребра.

Владо Јовановски и Ѕвезда Ангеловска ги играат главните улоги на Трендафил и Ружа. (Фото: Т. Георгиев)
„Балкан-кан-кан“ ќе има проекција на 22 август на отвореното кино на Синеплекс во 21 часот.
Б. НЕСТОРОСКА