„Сè додека во светот луѓе умираат во војни и има театри што замираат, ние како колеги сме должни да ги раскажуваме нашите приказни колку што можеме погласно во чест и поткрепа на оние кои во овој момент не можат да ја практикуваат својата професија поради војна“, рече режисерката Софија Ристевска на денешната прес-конференција по повод премиерата на „Малиџано“ во Народниот театар во Битола.
Премиерата е в понеделник со почеток во 20 часот, а претставата е работена по текст на Билјана Крајчевска и документарни материјали на актерите.
„Во оваа епоха на тотална дехуманизација, кога капиталот е пред сè, личноста ја нема, не постои и затоа во моите претстави човекот е пред сè. Хуманиот белег во ова лудо живеење да остане колку што може посилен. Човекот е важен“, рече Ристевска.
Ова е претстава со силен став, во која актерите преку личните приказни зборуваат за човечките права, жената како општествена фигура и биолошко суштество, мајчинството и за абортусот.
Ж. ЗДРАВКОВСКА