ЃОКИЦА ЛУКАРЕВСКИ СЛАВИ ЈУБИЛЕЈ И ПЕНЗИЈА СО ПРЕМИЕРАТА НА „ПАРТИЈА РЕМИ“ ВО ДРАМСКИ

    ЃОКИЦА ЛУКАРЕВСКИ СЛАВИ ЈУБИЛЕЈ И ПЕНЗИЈА СО ПРЕМИЕРАТА НА „ПАРТИЈА РЕМИ“ ВО ДРАМСКИКостимографката Лидија Георгиева, режисерката Виолета Џолева, в.д директорот на Драмски, Сашо Тасевски и актерите Ѓокица Лукаревски и Маја Вељковиќ - Пановска на денешниот прес за премиерата на „Партија реми“ (Фото: М. Златевска)

    Претставата „Партија реми“ од американскиот драмски автор Доналд Ли Кобурн, во режија на Виолета Џолева, премиерно се игра в петок во 20 часот во Драмски театар. Во претставата играат Ѓокица Лукаревски и Маја Вељковиќ – Пановска. Со оваа претстава, Лукаревски одбележува 40 години играње на сцена и со неа заминува во пензија.

    Режисерката Џолева, која во Драмски театар работи по 19 години, рече дека „Партија реми“во 1978 доби Пулицерова награда за најдобар драмски текст, а актерите кои ги играле улогите биле прогласени за најдобри актери таа сезона на њујоршката сцена. Текстот по втор пат се поставува во Драмски, по поставката во 1972 со Илија Џувалековски и Милица Стојанова, во режија на Димитар Станкоски.

    Лукаревски рече дека е особено благодарен што добил можност со претстава да го одбележи заминувањето в пензија, како што било пракса во златните времиња на Драмски театар (Фото: М. Златевска)

    Приказната е за повозрасни маж и жена, кои како штитеници на дом за стари лица, преку играњето карти се запознаваат, остваруваат посебно пријателство и поврзаност.

    „Додека трае партијата карти која станува повод но не и причина за средба, тие ги раскажуваат своите животи, згоди и незгоди, понекогаш тажни, некогаш комични. Партијата реми е метафора на две животни ситуации. Кога на некои луѓе едноставно им се местат најдобрите карти, и кога на некои луѓе, кои имаат техники и знаење и знаат како треба да играат во животот, едноставно не им се местат добрите карти“, рече Џолева.

    Таа кажа дека во 1985 го поставила овој текст во Сараево, кога имала 30-тина години и тогаш поинаку размислувала во однос на крајот на претставата.

    „Сега на оваа возраст, јас посакав среќен крај на претставата. Сакав повозрасните лица да добијат уште една можност за делење карти“, кажа Џолева.

    Лукаревски рече дека е особено благодарен што добил можност со претстава да го одбележи заминувањето в пензија, како што било пракса во златните времиња на Драмски театар.

    По подолго време на сцената се враќа и Вељковиќ-Пановска, која рече дека се радува што „Партија реми“ не е крај за кариерата на Лукаревски, туку дека е почеток на нова претстава, која се надеваат дека ќе се игра и низ Македонија.

    Костимите за претставата се на дизајнерката и професорка Лидија Георгиева, која рече дека за овој интимистички текст креиралала костими со минимални географски индикации и со минимален ретро призвук.

    Сценографијата е на Доротеа Ѓорѓиевска, а изборот на музика го направи режисерката.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира