Големите актери се големи оти сакаат да работат со млади колеги, не се чувствуваат загрозени, им помагаат. Ние ги сакаме, и тие нас нѐ сакаат, вели 32-годишниот српски актер Милан Мариќ, најпознат по улогата на српската фолк-легенда Тома Здравковиќ во филмот „Тома“. Мариќ е деновиве во Скопје заедно со Раде Шербеџија, Катарина Бистровиќ-Дарваш, Вања Ненадиќ, како екипа на претставата „Кој се плаши од Вирџинија Вулф“ од Едвард Олби во режија на Ленка Удовички.
Претставата вечерва (20 часот) во Драмски театар го отвора фестивалот РУТА Група Триглав. Станува збор за фестивал на Регионалната унија на театри – РУТА Група Триглав, во која членуваат: Београдско драмско позориште, Камерни театар 55 од Сараево, театар Улисис од Загреб, Месно гледалишче Љубљана и Градско позориште Подгорица.
„Кој се плаши од Вирџинија Вулф“ е претстава работена во продукција на театар Улисис и Београдско драмско позориште. Удовички на денешната прес-конференција кажа дека пред 30 години му била асистентка на режија на Душан Јовановиќ за истоимената претстава, во која играл Шербеџија и дека актуелната постава е радикално поразлична.
„Театарот е жива уметност“, рекоа Шербеџија и Удовички.
Говорејќи за искуството од работата со актерска легенда како Шербеџија, Мариќ рече дека му бил актерски пример, знае да пофали, да поттикне, да стегне кога треба, да го врати назад, и да застане зад него, во секакви ситуации.
На фестивалот, Београдско драмско позориште учествува со претставата „Диво месо“ по текстот на Горан Стефановски, на режисерот Јагош Марковиќ, на 15 октомври.
Македонскиот режисер Александар Поповски доаѓа со претставата „Хероини“ по Овидиј од Месно гледалишче Љубљана (16 октомври), а Градско позориште Подгорица на 17 октомври со претставата „Коњите убиваат, зар не?“ во режија на Кокан Младеновиќ.
Комедијата „Мирна Босна“ во изведба на Камерни театар 55 од Сараево е на програмата на фестивалот на 18 октомври. Режисер на претставата е Саша Пешевски.
Затворањето на фестивалот е со претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ на Драмски театар Скопје на 19 октомври, на режисерката Зоја Бузалковска.
Б. НЕСТОРОСКА