ХЕДВИГ ФЕЈЕН, ОСНОВАЧКАТА НА УМЕТНИЧКОТО БИЕНАЛЕ МАНИФЕСТА, УТРЕ ЌЕ ИМА ПРЕДАВАЊЕ ВО МСУ СКОПЈЕ

    ХЕДВИГ ФЕЈЕН, ОСНОВАЧКАТА НА УМЕТНИЧКОТО БИЕНАЛЕ МАНИФЕСТА, УТРЕ ЌЕ ИМА ПРЕДАВАЊЕ ВО МСУ СКОПЈЕФејен ќе ги претстави претходните изданија на Манифеста и ќе го објави концептот, програмата и развојот на престојното 14. издание на Биеналето. (Фото: МСУ)

    Холанѓанката Хедвиг Фејен, основачка и директорка на Европското номадско биенале за современа уметност – Манифеста, утре (20 часот) ќе одржи предавање во Музејот на современата уметност (МСУ) Скопје. Манифеста е едно од најзначајните уметнички биеналиња во Европа и четврто по ред во светот. Почетоците се во раните 1990-ти, кога се разви како патувачка платформа која се разликува од главните центри на уметничкото производство. Манифеста е практично посредник помеѓу меѓународната уметничка и интелектуална сцена, отворајќи дебати и фокусирајќи се кон специфични прашања на локалната заедница.

    Темата на предавањето на Фејен е целосен преглед на концептот на Манифеста, ќе ги претстави претходните изданија на биеналето и ќе го објави концептот, програмата и развојот на престојното 14. издание на Биеналето „Манифеста 14 Западен Балкан“.

    Организаторите, овој пат, го избраа градот Приштина, поради неговата географска и геополитичка важност во рамките на Западен Балкан, со цел да го развијат проектот „Манифеста 14 Приштина“.

    Иако седиштето на ова издание ќе биде во Приштина, биненалето ќе се реализира и во други градови од Западен Балкан. Музејот на современата уметност станува партнерска институција во организација на „Манифеста 14 Западен Балкан: Копроизводство на заеднички простор и обликување на формации на солидарност на Западен Балкан и пошироко“, кофинансиран од Европската Унија.

    МСУ ќе биде организатор на програмска целина составена од дискурзивна и изложбена програма. Дискурзивната програма ќе се фокусира на функцијата на музеите на современа уметност во ерата на „Новата реалност“, која е обликувана од поврзани настани во текот на 2020 и 2021, како што се пандемијата, заклучувањата, затворените граници, одговорите на националистичката влада, непријателските еколошки политики, протести.

    На презентацијата ќе бидат присутни и Емилија ван Линден и Нита Деда, координатори на Манифеста од Амстердам и Приштина.

    Презентацијата во МСУ ќе биде реализирана со ограничен број од 30 седишта за публиката и според актуелните владини протоколи во услови на пандемија со потврда за вакцинација или потврда за имунитет на ковид-19 во последните 45 дена.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира