ИЛУСТРАЦИИ ОД ДИМИТАР КОНДОВСКИ ИНСПИРИРАНИ ОД МАКЕДОНСКИТЕ БАЈКИ НА ИЗЛОЖБА ВО МУЗЕЈОТ НА МАКЕДОНИЈА

    ИЛУСТРАЦИИ ОД ДИМИТАР КОНДОВСКИ ИНСПИРИРАНИ ОД МАКЕДОНСКИТЕ БАЈКИ НА ИЗЛОЖБА ВО МУЗЕЈОТ НА МАКЕДОНИЈАИсклучителна вредност имаат илустрациите кои го окупираат вниманието на сликарот Кондовски, во периодот од 1982-1984 година, кога тој бил насочен кон разработката на текстовите од македонските бајки и народни приказни; - Сликовниците „Силјан Штркот“, „Детето без страв“ и „Марко и самовилата“. (Фото: Ј. Намичева)

    „Димитар Кондовски и ‘Македонските бајки’ – калеидоскоп од светот на бајките на Димитар Кондовски“ е насловена изложбата која ќе се отвори вечерва во 19 часот во Музејот на Македонија. Кондовски (1927–1993) е еден од клучните автори во современото македонско сликарство: сликар, илустратор, сценограф и професор, со опус што маестрално ја вкрстува модерната стилизација со средновековно-византиската традиција, орнамент и симбол.

    Како што вели кустосот-советник Јасминка Намичева во каталогот, во својата уметничка продукција за детска и младинска литература, Кондовски вградил огромно илустраторско искуство, зад кое биле отпечатени импозантен број на илустрирани детски книги.

    Сепак, исклучителна вредност имаат илустрациите кои го окупираат вниманието на сликарот Кондовски, во периодот од 1982-1984 година, кога тој бил насочен кон разработката на текстовите од македонските бајки и народни приказни, со особен интерес кон приказните од Марко Цепенков, од кои произлегуваат двете најволшебно илустрирани едиции на детски сликовници-„Македонските бајки“ (1986) и „Македонски народни приказни“ (1992) во печат на редакцијата „Детска радост“ од Скопје.

    „Резултатот од ова ликовно патешествие на Кондовски се бајки со 90-тина цртежи кои во 1986 година, биле вградени во голема петојазична едиција на сликовници- ‘Колибри’ со поднаслов Македонски бајки (во обработка /редакција на Душко Наневски, ликовното-графичко обликување е на Александар Цветковски ). Еден опсежен проект за промоција на македонското усно народно наследство меѓу децата, со цел да се доближат бајките до различни етнички заедници во Југославија, со што изданието е петојазично : на македонски, србскохрватски, словенечки, албански и унгарски јазик. Зад оваа едиција како издавач стои Заводот за стопанство и општествени дејности на СРМ ‘Самоуправна практика’- Скопје“, вели Намичева.

    Според неа, овие едиции на детски сликовници, претставуваат своевиден ковчег со драгоцености во кој блескаат исклучително вредните илустрации на Кондовски инспирирани од бесценетите текстови од приказните на Марко Цепенков, Шапкарев и други народни раскажувачи. Токму тој духовен и уметнички капитал кој го содржат овие дела ја потикнаа идејата на авторите Филип Кондовски и Намичева на проектот „да ја презентираат пред јавноста целокупната збирка со сите 72 оригинални илустрации  (и 10 копии) од кои е составена едицијата сликовници, а е во сопственост на семејството Кондовски.

    „Издвојувајки ги од огромниот опус на илустрации кои Кондовски ги изработил за најразлични книги, најчесто детски лектирни изданија, детски ТВ емисии, или сценографски решенија за детски претстави, оваа збирка илустрации сама за себе отсликува еден одделен униврзум, обоен со пребогат колорит отсликан од македонското сонце, врз шаренилото на декорациите од богатиот етнолошки трезор, збогатени со волшебствата и вонземските суштества пресликани од богатата народна имагинација и секако мајсторски ‘зачинети’ со карактеристични обележја на секоја култура во која се развива приказната со бајковитите јунаци. Целокупната збирка оригинални илустрации, броела 82 листови,односно се состоела од 6 сликовници со по 12 илустрации , со исклучок само на ‘Сиљан штркот’ како 7. сликовница која содржела 10 илустрации. За сликовницата ‘Детето без страв’ отпечатени биле сите 12 илустрации кои Кондовски ги изработил, но, за жал, во збирката на семејството Кондовски се останати само 2 илустрации, додека останатите 10 биле мистериозно исчезнати во печатницата уште за време на подготовката на едицијата. Токму затоа на изложбата ќе бидат изложени вкупно 72 оригинални илустрации и 10 копии“, вели Намичева.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира