ИСЧИСТЕН МЕРМЕРОТ НА СТРУМИЧКИОТ СПОМЕНИК НА ПАДНАТИТЕ БОРЦИ ВО НОБ И БОРБАТА ПРОТИВ ФАШИЗМОТ

    ИСЧИСТЕН МЕРМЕРОТ НА СТРУМИЧКИОТ СПОМЕНИК НА ПАДНАТИТЕ БОРЦИ ВО НОБ И БОРБАТА ПРОТИВ ФАШИЗМОТДетално е исчистен споменикот од поликолорот и графитите исцртани на мермерот. (Фото: Министерство за култура)

    Исчистен е мермерот на Спомен-костурницата во Струмица, во проектот за заштита на Министерството за култура и Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Струмица. Споменикот на паднатите борци во НОБ и борбата против фашизмот е дело на архитектот Благој Колев е изграден од армиран бетон и целосно обложен со бел мермер.

    Од Министерството за култура велат дека службите на Музејот од Струмица веќе ги завршиле  активностите за детално чистење на отпадоците од површината и вегетацијата, како и детално чистење на споменикот од поликолорот и графитите исцртани на мермерот. Во наредниот период, продолжува санацијата и реконструкцијата на оштетениот мермер на површината на споменичната целина, како и хортикултурно уредување на Спомен-костурницата.

    „Спомен-костурницата во Струмица, со комплетната санација, ќе добие нов изглед и ќе стане место и простор каде што ќе се одржуваат различни културни манифестации, концерти, промоции и други активности во иднина“, велат од Министерството.

    Спомен-костурницата е изградена на ридот Самораница, на 327 метри надморска висина и се простира на површина од 1. 509 квадратни метри. Изградбата започнала во 1979 година. Моштите на загинатите борци во НОВ со свечен чин биле пренесени и положени во саркофагот на 4.7.1982 година. Во саркофагот се наоѓаат посмртните останки на: Благој Јанков-Мучето, Герас Цунев, Сандо Масев, Васил Сурчев, Киро Абрашев, Иљо Шопов, Јанко Цветинов и Димитар Цветинов.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира