ИСЕЛЕНИЧКИОТ БРАН ЈА ПРЕПОЛОВИ ТЕАТАРСКАТА ПУБЛИКА ВО БИТОЛА

    ИСЕЛЕНИЧКИОТ БРАН ЈА ПРЕПОЛОВИ ТЕАТАРСКАТА ПУБЛИКА ВО БИТОЛА„Ако пред 10 до 12 години и повеќе, Битола имаше една бројка од 13.000 до 15.000 луѓе кои доаѓаа на претставите, сега таа бројка се сведува од 6.000 до 8.000 гледачи. Градот е преполовен“, рече директорот Иван Јерчиќ (прв од десно). - Екипата на Битолски театар на денешната прес-конференција за премиерата на „Детето сонува“ (Фото: СДК.МК)

    Иселеничкиот бран ја преполови и публиката во Народниот театар во Битола, град кој има континуиран театарски живот цели 75 години.

    „Минатата година беа одиграни 170 претстави. Задоволни сме околу публиката, иако проблемот со публиката во Битола е веќе проблем на иселувањето. Ако пред 10 до 12 години и повеќе, Битола имаше една бројка од 13.000 до 15.000 луѓе кои доаѓаа на претставите, сега таа бројка се сведува од 6.000 до 8.000 гледачи. Градот е преполовен. Театарската сала со 418 седиша веќе е многу за Битола, освен за премиера“, рече директорот Иван Јерчиќ.

    Во вакви услови од Народниот театар сепак се задоволни од посетеноста, за која велат дека е на рангот на другите поголеми театри во земјава.

    „Ние сме театар кој во следниот месец со 28 дена ќе имаме 22 претстави на репертоар, тоа е една сериозна бројка во однос на тоа колку во градот нема луѓе. Ние сме многу задоволни и од тоа колку е овој театар посетен во последниот период зашто на голема сцена имаме околу 200 луѓе речиси секоја вечер и тоа е сериозен просек. Сериозно парираме со големите театарски куќи во земјава“, кажа рече Илина Чоревска, уметнички директор.

    Токму новата премиера „Детето сонува“ во режија на Израелецот Итан Дорон, која премиерно ќе се изведе на 26 јануари, ги обработува човечките судбини на бегалците. Во неа не станува збор за луѓе кои бегаат од конкретна војна, туку за голготата што ја минуваат претставена преку животот на мајка со дете кои бараат прибежиште откако војниците го убиле таткото и нив ги протерале. Главните улоги ги играат пезионираниот актер, доајенот Борис Чоревски и 13 годишниот Ангел Мицевски, син на костимографот Благој Мицевски. Поради ваквата позиција, таткото Мицевски рече дека се чувствувал како Роберто Бенињи во филмот „Животот е убав“.

    Во изведбата на претставата вклучен е целиот технички персонал на  Битолскиот театар засилен со нововработени. Минатата година имало 12 вработувања како помошен технички кадар и администрација. Годинава со измените на систематизацијата ќе се вработат и актери.

    Запрашан за тоа дали ексградоначалникот Владимир Талески доаѓа на работа и дали зема плата , директорот Јерчиќ одговори: „Ние познаваме многу повеќе луѓе кои ни се далеку од државата, па земаат плата, а не одат на работа“.

    „Минатата година сите подели на улогите функционираа на принцип на отворена аудиција, Владимир Талески досега никој не одлучил да го земе во претстава, кога ќе одлучи некој, ќе се појави тој на работното место“, рече Јерчиќ.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира