ИСКРА ДИМИТРОВА СО ИЗЛОЖБА ЗА ПОЛИТИЧКОТО УБИСТВО НА НЕЈЗИНАТА СКУЛПТУРА „ВЕРА НАДЕЖ ЉУБОВ“ – ТРИТЕ ВРБИ ВО ВАРДАР

    ИСКРА ДИМИТРОВА СО ИЗЛОЖБА ЗА ПОЛИТИЧКОТО УБИСТВО НА НЕЈЗИНАТА СКУЛПТУРА „ВЕРА НАДЕЖ ЉУБОВ“ – ТРИТЕ ВРБИ ВО ВАРДАРДимитрова вели дека новата изложба „@Траги“ е „портрет на нашата средина преку изложување на огромна архива на реакции и написи во јавноста кон проектот ‘Вера Надеж Љубов’ - трите врби во реката Вардар, едно современо уметничко дело кое неправедно и неоправдано се претвори во синоним на проектот ‘Скопје 2014’“; - Јавната скулптура „Вера Надеж Љубов“ (лево)/Од инсталацијата „@Траги“ (десно) (Фото: СДК.МК/Национална галерија)

    Искра Димитрова, една од најзначајните македонски уметници, вечерва (20.30) во Национална галерија Чифте Амам ја отвора изложбата  „@Траги“, уметничка инсталација со која се документира фактичкото политичко убиство на нејзината јавна скулптура „Вера Надеж Љубов“ – трите врби во Вардар. Димитрова вели дека  „@Траги“ е „ портрет на нашата средина преку изложување на огромна архива на реакции и написи во јавноста кон проектот ‘Вера Надеж Љубов’ – трите врби во реката Вардар, едно современо уметничко дело кое неправедно и неоправдано се претвори во синоним на проектот ‘Скопје 2014’“.

    Куратори на проектот се Лазо Плавевски и Владимир Јанчевски, стручен соработник е Љиљана Неделковска, а асистент на проектот е Нита Муча.

    Јанчевски вели дека во „@Траги“, преку изложување на дел од проектната документација, договорите за изведба и реализација, како и огромен број коментари, оценки, критики за проектот, Искра Димитрова „своето  искуство го претвора во серија поврзани инсталации, кои ни нудат исклучителна и несекојдневна можност да го проследиме функционирањето на медиумската сфера, процесот на деградирање на информирањето и начините на креирањето на јавното мислење, а уште повеќе контролираната дезинформација како едно од најмоќните оружја во политичката битка, процеси низ кои уметничкото дело може да стане колатерална штета“.

    Неделковска вели дека овој проект е „остра критика токму на начинот на којшто во полето на културата се артикулираат и дистрибуираат одредени ставови, мислења, вредности“.

    Во „@Траги“ Димитрова своето искуство го претвора во серија поврзани инсталации, кои ни нудат исклучителна и несекојдневна можност да го проследиме функционирањето на медиумската сфера, процесот на деградирање на информирањето и начините на креирањето на јавното мислење, а уште повеќе контролираната дезинформација како едно од најмоќните оружја во политичката битка, процеси низ кои уметничкото дело може да стане колатерална штета, вели кураторот Владимир Јанчевски. (Фото: колаж од инсталацијата, Национална галерија)

    Со своите мултимедијални проекти, перформанси и инсталации, Искра Димитрова е во редот на најзначајните современи авторки во светот. Таа беше македонски претставник на Биеналето во Венеција во 1999, а меѓу другите имала изложби и во Јапонија, САД, Шведска. Во 2007 беше избрана меѓу 40 уметнички од целиот свет со чии дела се отвори новиот Бруклински музеј во Њујорк. Во таа пригода, делото на Димитрова беше меѓу само четирите за кои имаше посебен осврт и во „Њујорк тајмс“.

    Со јавната скулптура „Вера Надеж Љубов“, Димитрова како и голем број реномирани автори во 2008 учествуваше на јавен Конкурс за поставување скулптури низ централното градско подрачје, објавен од Министерството за култура. Во повеќе пригоди тогаш таа кажа дека основниот концепт на делото беше да се направи своевиден споменик – да му се оддаде почит на зеленилото, да се стави на пиедестал вегетацијата, врбите – автохтона вегетација на реката Вардар, присутна во детствата на генерации скопјани. Тоа е дело кое е во тек со светската тенденција урбаниот простор да се облагороди и очовечи со зеленило, како од еколошки така и од аспект на хуманизирање на околината на жителите.

    Создадена пред настанувањето на најозлогласниот проект на груевистичката власт „Скопје 2014“, делото на Димитрова беше планирано да кореспондира со зградите од ГТЦ. Но во тоа време немаше никакви навестувања ниту за мостови ниту за фонтани, најмалку за галии, или пак за панорамски тркала.

    Jавната скулптура „Вера Надеж Љубов“ е „најмоќната уметничка проективност и исклучива скулптуралност во градов со која историјата на уметноста во иднина допрва ќе се занимава и на која допрва ќе ѝ го определи и додели заслуженото место. Нејзиното значење и вредност особено ќе биде препознаено кога ќе се тргне сето она бронзено и мермерно ѓубре од плоштадите и мостовите. А дотогаш, лаиците нека лајат на Фејсбук додека се гушат во загадувањето во градот заради неспасеното и несочуваното зеленило“, нашиша деновиве историчарот на уметност Небојша Вилиќ. (Фото: М. Златевска)

    Па сепак, помогнато со политичката манипулација на тогашната опозиција, која делото го сведе „на 3 врби во Вардар што чинат 250.000 евра“ и засилено со некритична медиумска атака, гневот на јавноста кон „Скопје 2014“ неправедно се истури токму врз единствниот современ уметнички израз во градот во тоа време.

    Историчарот на уметност, проф. Небојша Вилиќ деновиве напиша дека јавната скулптура „Вера Надеж Љубов“ е „најмоќната уметничка проективност и исклучива скулптуралност во градов со која историјата на уметноста во иднина допрва ќе се занимава и на која допрва ќе ѝ го определи и додели заслуженото место. Нејзиното значење и вредност особено ќе биде препознаено кога ќе се тргне сето она бронзено и мермерно ѓубре од плоштадите и мостовите. А до тогаш, лаиците нека лајат на Фејсбук додека се гушат во загадувањето во градот заради неспасеното и несочуваното зеленило“.

    Како што вели Вилиќ, „како наоколу се натрупуваше архитектонското и скулптуралното ѓубре од ‘Скопје 2014’, така таа скулптурата на Димитрова сè повеќе и повеќе се издвојуваше од него: таа стана антипод на сето загадување и на градот, но и од проектот. Кога во 2012 беше поставена во коритото на реката Вардар, скулптурата/проектот на Искра Димитрова Вера Надеж Љубов (започнат 2009) стана предмет на широка, пред сè, Фејсбук расправа, главно сведена на потсмев и мајтапење и фатена за добиените пари за негово остварување. А, всушност, никој не ја разбра (или барем не многумина) неговата комплексност, неговата слоевитост, визуелните сензации предизвикани од не’рѓосувачкиот и сјаен челик, неговата сезонска менливост и ритмичкото и симболичко ‘умирање’ и ‘раѓање’ на природата, неговата менливост во однос на светлото, на ракурсот, на тековните метеоролошки услови и влијанија…на одразот во челикот на околното ѓубре (и симболичко и фактичко) во коешто градот почнуваше сè повеќе и повеќе да тоне и да се гуши“.

    Вилиќ посочува дека во периодот на почетокот на работата на проектот, градот сè уште не беше зафатен од манијакалното сечење на дрвјата во центарот на градот, а за потребите на новите згради на „Скопје 2014“; доволно беше и претходното узурпирање и уништување на неговите зелени површини од урбаната градежна мафија.

    Во 2007 Димитрова беше избрана меѓу 40 уметнички од целиот свет со чии дела се отвори новиот Бруклински музеј во Њујорк, а во таа пригода, делото на Димитрова беше меѓу само четирите за кои имаше посебен осврт и во „Њујорк тајмс“. (Фото: Бруклински музеј)

    „Овој ‘тивок вресок’ на Димитрова како да го претчувствувал тоа што допрва ќе се случи со градот. И не само со зеленилото. Како што проектот ‘Скопје 2014’ се ширеше и метастазираше, така во него, во овој ‘тивок вресок’, се впишуваа и други и содржински и програмски состојки: врбите останаа единствените кои тивко и молкум се спротивставуваа на моќниот маскулинистички, мачоистички, херојски и историски наратив и дискурс на тешките бронзени скулптури со уште потешките нивни високи и мермерни постаменти! Тие го понудија единственото тивко место во кое се стишува и ја снемува какофонијата и бучавата на околното дивеење во центарот на градот. Така, тие три врби станаа (или се престорија во) единствена оаза со спокојна визура во градот, скоро контемплативно место, како она на Сидарта“, вели Вилиќ.

    За новиот проект „@Траги“, реномираната историчарка на уметност Соња Абаџиева вели дека е соочување со вистината, раскажано со питомиот јазик на визуелните магии, и всушност, е прашање на Димитрова: „Може ли одговорот на една повеќегодишна трибалистичка кампања да биде естетски блесок?“

    Куратор од Националната галерија за овој проект е Ана Франговска, а кустоси соработници Александра Зиновски-Вилиќ и Горанчо Ѓорѓиевски. Технички асистент е Владо Димоски, а светло мајстор Илија Тарчуговски. Видеото, монтажата и звукот се на Дамјан Цветков-Димитров. Проектот е финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија и Министерството за култура.

    М. КОСТОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира