Специјаланата единица за уметничко наследство во италијанската полиција запленила 21 дело од изложба на шпанскиот сликар Салвадор Дали во Парма, за кои се претпоставува дека се фалсификати. Изложбата која опфаќа околу 80 уметнички дела, претходно беше поставена во Рим од јануари до јули.
Полицијата соопшти дека запленила таписерии, цртежи, гравури и разни предмети од изложбата „Салвадор Дали: Помеѓу уметноста и митот“, која беше отворена минатата недела во северниот град Парма. Палатата „Тараскони“, каде се одржува изложбата во Парма, не ја коментираше полициската акција.
Полицијата соопшти дека дејствувала врз основа на сомневањата што првично ги покрена Фондацијата „Гала-Салвадор Дали“, која е задолжена за заштита на наследството на уметникот – и забележала „аномалии“ додека уметничките дела биле изложени во Рим. Според полицијата, уметничките дела се сметаат за фалсификати врз основа на прелиминарните истраги и претпоставката за невиност ќе важи сè додека не се донесе конечна пресуда.
Италијанската полиција има специјализирани единици кои работат на украдени или фалсификувани уметнички дела. Минатата година тие изјавија дека откриле голема паневропска мрежа за фалсификати која изработувала и продавала фалсификати кои им се припишуваат на некои од најголемите имиња во модерната и современата уметност, меѓу кои и Банкси, Пабло Пикасо, Енди Ворхол и Дали.