Француската актерка Изабел Ипер ќе биде почестена со Златна мечка за животно дело на годинашниот Берлинале, на кој истовремено премиерно ќе се прикаже нејзиниот нов филм „За Жоан“.
Шеесет и осумгодишната Ипер има долга и блескава актерска кариера и во филм и во театар, а меѓу режисерите со кои соработувала се Жан-Лик Годар, Михаел Ханеке, Клод Шаброл, Пол Верховен, Бертран Таверние и други.
Берлинале ја опишува Ипер како една од најразновидните актерки на светот, со импресивна палета улоги во повеќе од 150 филмски и телевизиски продукции. Таа досега играла во седум филмови кои биле во натпреварувачката програма на фестивалот.
Во 2017 беше номинирана за оскар за најдобра актерка за „Ел“, а во својата биографија има и рекордни 16 номинации за највисоката француска филмска награда Сезар, од кои двапати триумфираше.