Изложбата „150 години од раѓањето на Гоце Делчев (1872 – 2022)“ што ја подготви Државниот архив, ќе се отвори в петок во 12 часот во Музејот на македонската борба.
Како што соопшти Архивот, изложбата ги прикажува дејствувањето и улогата на Гоце Делчев како организатор на македонското револуционерно национално-ослободително движење од крајот на 19. и почетокот на 20. век, односно како идеолог, учител, визионер и најзначаен раководител на Македонската револуционерна организација. Користејќи богата архивска документација, авторите на изложбата го опфаќаат ликот и делото на Делчев од повеќе аспекти, низ неговите преписки, сведоштва и погледи кон неговото дело од соборци, потоа патот на неговите мошти од село Баница преку Софија до Скопје како главен град на современата македонска држава. Ќе бидат претставени и материјали што ги оставиле потомците на Гоце Делчев.
„Државниот архив преку изложбата ја пренесува и пораката дека е чувар на меморијата за минатото и за културно-историското наследство на македонскиот народ, во кое спаѓа и личноста на Гоце Делчев, корифејот на македонското ослободително движење и на борбата за независна држава“, велат од Архивот за изложбата што е под покровителство на претседателот Стево Пендаровски.