ИЗЛОЖБАТА НА ХАЏИ БОШКОВ ГО ОЖИВЕА СТОБИ И НЀ ПОТСЕТИ НА ОБЕЛИСКОТ КОЈ ТРЕБАШЕ ДА СТОИ НА ПЛОШТАДОТ МАКЕДОНИЈА МЕСТО ВОИНОТ НА КОЊ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ ПЕРОВСКИ

    ИЗЛОЖБАТА НА ХАЏИ БОШКОВ ГО ОЖИВЕА СТОБИ И НЀ ПОТСЕТИ НА ОБЕЛИСКОТ КОЈ ТРЕБАШЕ ДА СТОИ НА ПЛОШТАДОТ МАКЕДОНИЈА МЕСТО ВОИНОТ НА КОЊ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ ПЕРОВСКИМакетата на Обелискот кој требаше да стои на плоштадот во Скопје излиен во бронза и дел од фонтаната со мозаик на уметникот Димитар Кондовски. (Фото: СДК.МК)

    По безмалку еден месец, на 11 октомври се затвори големата ретроспективна изложба на дела од скулпторот Петар Хаџи Бошков (1928-2015) во античкиот локалитет Стоби, а експонатите се вратени во ателјето на авторот. Беа изложени 40-тина дела, кои досега како семејно наследство беа чувани во ателјето на авторот.

    Со изложбата во целост се потврдила идејата на директорот на Националната установа „Стоби“ Спасе Перовски, локалитетот да биде жив град.

    „За време на изложбата, локалитетот Стоби беше за пет до шест пати повеќе посетен од вообичаено, а посетителите имаше од други градови, не само од Велес и од Скопје. Ова покажува дека секој настан што се случува тука, предизвикува внимание и интерес кај јавноста. Така Стоби го добива своето место во културата во земјава. Во текот на нејзиното траење, поради временските услови, скулптурите беа преместувани, па така во неколку наврати имавме и нова поставка. Или што би се рекло, изложбата беше жива, во време на нејзиното претставување“, кажа Перовски.

    Беа изложени 40-тина дела, кои досега како семејно наследство беа чувани во ателјето на авторот. (Фото: К. Попов)

    Изложбата ја посети и дел од дипломатскиот кор во земјава, што директорот Перовски го прави среќен, затоа што дипломатите дошле фамилијарно, со поширок круг луѓе. Попладнето пред затворањето ја посетија амбасадорите на Холандија, Велика Британија, Германија, заменик-амбасадорот на Италија и евроамбасадорот од Скопје. Претходно ја посетил и претседателот на државата Стево Пендаровски со семејството.

    „Во рамките на изложбата беше поставена и макета од обелискот, кој беше планирано да се постави во центарот на Скопје, на Плоштадот, каде подоцна беше поставен споменикот ‘Воин на коњ’. Сите нејзини делови беа изложени, за да процениме дека во еден ден ќе може да ги кренеме во целина. Делото беше во висина од девет метри, макета изработена од стиропор, но поради временските услови не опстои“, рече Перовски.

    Во 2004, во мандатот на скопскиот градоначалник Ристо Пенов, беше најавено дека на Плоштадот Македонија ќе се гради фонтана, а во средиштето ќе има обелск висок 8 метри, според идејното решение на доајените на македонската уметност  Хаџи Бошков и Димитар Кондовски. Настанаа проблеми со авторски права и посебни дозволи, и наследникот на Пенов, Трифун Костовски одлучи да не се прави фонтаната со образложение дека нема Градот нема доволно пари.

    „Воинот на коњ“ е дело на скулпторката Валентина Стефановска, во склоп на проектот „Скопје 2014“. Фонтаната со споменик на Александар Македонски официјално беше промовирана на 8 Септември 2011.

    (Фото: К. Попов)

    Перовски потенцира дека немало никаков проблем во текот на изложбата со експонатите, кои поради нивната вредност биле осигурени. Поради изложеноста на временските услови, делата имале променета патина (н. з. тенок слој што се јавува како последица на оксидацијата на подлогата),  но конзерваторите од „Стоби“ наредните денови тоа ќе го средат.

    Со изложбата „Откривање на иднината, археологија на модерноста“, целта беше да се врати и актуелизира подзаборавената македонска модерна, современа уметност. Скулптурите на Хаџи Бошков се спој меѓу заштитеното културно добро со современото, кажа на отворањето кураторот на изложбата Владимир Јанковски.

    Изложбата е дел од визијата на Перовски, локалитетот до биде жив град, да има активности и настани. Така по театарот и музиката, просторот се отвори за нова уметност, преку изложба.

    (Фото: К. Попов)

    Интересот кој беше покажан за изложбата, му дало за повод на директорот Перовски да размислува и следната година да има нов настан на локалитетот. Кратко кажа дека ќе се обидат да реализираат проект за „Денови на Јоанес Стобаеус“, или „Јован од Стоби“. Малку познат лик во Македонија, жител на градот, благодарејќи на него и неговата збирка, светот ги има текстовите на Еврипид и големите филозофски текстови. Тој живеел во Стоби на крајот од 4. и почеток на 5. век.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира