ЈУЛИЈАНА ВЕЛИЧКОВСКА ЈА ДОБИ НАГРАДАТА „БРАЌА МИЛАДИНОВЦИ“ ЗА НАЈДОБРА ПОЕТСКА КНИГА МЕЃУ ДВЕ ИЗДАНИЈА НА СТРУШКИТЕ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА

    ЈУЛИЈАНА ВЕЛИЧКОВСКА ЈА ДОБИ НАГРАДАТА „БРАЌА МИЛАДИНОВЦИ“ ЗА НАЈДОБРА ПОЕТСКА КНИГА МЕЃУ ДВЕ ИЗДАНИЈА НА СТРУШКИТЕ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТАВеличковска наградата им ја посвети на сите жени чиј глас бил замолчан или стишан и на професорот, како и на писателот Драги Михајловски кој почина во 2022. (Фото: СВП)

    Збирката „Рајсфершлус“ од Јулијана Величковска ја доби наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга објавена на македонски јазик меѓу две изданија на фестивалот Струшки вечери на поезијата (СВП), соопшти жирито на денешната прес-конференција. Претседател на жирито е Санде Стојчевски, членови се Зоран Анчевски, Иван Џепароски и Лулзим Хазири, а Иван Антоновски е секретар.

    „Големото творечко љубопитство, најверојатно, е мотивот Јулијана Величковска во својата нова книга да се обиде да се изрази преку еден посебен, обично поредок книжевен облик – песни во проза и на тој начин уште еднаш да го актуелизира прашањето за граничните области и форми меѓу жанровите. Авторката, просто, како да не ги пишува своите лирски записи, туку како да ги сложува – како да ги компонира од вообичаени изрази, од потсетување на слушнати разговорни фрази, од наслушнување на прифатливо согласје на лексичките единици, внесувајќи разиграност на еуфониските својства и можности на консонантите и самогласките, извлекувајќи ги сите творбени својства на јазичниот материјал и доаѓајќи до автентичен творечки резултат со гласот на лирскиот субјект. Впрочем, тоа се најавува уште со необичниот наслов ‘Рајсфершлус’, во којшто, се разбира, ги насетуваме и семантичките значења и плетки, па дури и плодоносните еуфониски хармонизирања, а очигледно, поетесата најмногу игра на убавиот предизвик на возбудлива читателска провокација – оние со љубопитен дух да можат да се вслушаат во ехото на тоа што Величковска го загатнува“, вели жирито во образложението.

    Величковска наградата им ја посвети на сите жени чиј глас бил замолчан или стишан, како и на професорот и писател Драги Михајловски кој почина во 2022.

    „Наградата за мене е поттик да продолжам да работам подобро. Особено многу ми значи што бев меѓу овие петмина за мене прекрасни и драги колеги, поети. Тоа што мене многу ме радува на овој Фестивал е што гледам дека генерациите се доближуваат и се надминуваат разликите, не се доживуваме едни со други како конкуренција, туку како заедница и пријатели“, рече Величковска.

    Во најтесен избор, според жирито, влегоа „Рајсфершлус“ од Јулијана Величковска (Скопје: ПНВ Публикации, 2024) и „Вообразби: лирски етиди за некој друг свет“ од Бранко Цветкоски (Скопје: Макавеј, 2025).

    Величковска е писателка, уредничка, преведувачка и организаторка на поетски фестивали. Основач е на издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје, соосновач и директорка е на „Скопскиот поетски фестивал“ и програмска директорка на „Поетска ноќ во Велестово“. Членка е на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ). Авторка е на стихозбирките: „Рајсфершлус“ (2024), „Отворена книга“ (2017) и „Комарци“ (2010), на романот „Годишни времиња“ (2014) на книгата за деца „Ведра“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира