КАКО ДА СЕ РАЗБЕРЕМЕ СО ПУБЛИКАТА, АКО НЕ СЕ РАЗБИРАМЕ СО ВЛАСТА, РЕКОА СТРУМИЧКИТЕ АКТЕРИ НА ПРОТЕСТОТ ПРОТИВ ПАРТИЗАЦИЈА ВО КУЛТУРАТА

    КАКО ДА СЕ РАЗБЕРЕМЕ СО ПУБЛИКАТА, АКО НЕ СЕ РАЗБИРАМЕ СО ВЛАСТА, РЕКОА СТРУМИЧКИТЕ АКТЕРИ НА ПРОТЕСТОТ ПРОТИВ ПАРТИЗАЦИЈА ВО КУЛТУРАТАИницјативата „Култура или фискултура“ бара разрешување или оставка на Бубев од Струмичкиот центар за култура. (Фото: К. Попов)

    Како да се разбереме со публиката ако не можеме да се разбереме со вас, рекоа денеска струмичките актери на протестниот марш низ Скопје во моментот кога беа пред Министерството за култура. Протестот го организираше Иницијативата  „Култура или фискултура?“, со кој како што велат тие, го изразуваат својот револт за состојбата во која се наоѓаат културните работници и културата во земјава.

    Актерите се незадоволни по изборот на Васил Бубев за директор на  Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица, кој во моментов е директор на градинките, а претходно работел како професор по физичка култура во ОУ „Гоце Делчев’“ во Василево. Актерите и претходно бараа од министерката за култура Ирена Стефоска да го поништи конкурсот, бидејќи одбиени беа магистер по културен менаџмент и актер со речиси 30-годишно искуство.

    Иницијативата на 1 февруари ја потпишаа над 260 културни уметници, невладини организации и други работници во културата.

    „Стратегијата за развој на културата 2018-2022 година беше најавувана како ‘Стратегија на ослободување од режимските културни политики на претходната власт’ преку инсталирање на нов модел кој ќе го анулира претходно воспоставениот модел на арбитрарна и клиентелистичка власт, која ја партизира културата, задушувајќи ја нејзината автономија и општествена важност. Мошне впечатлив и значаен момент во документот е ставот дека е неопходно ослободување од затвореноста, нестручноста и непрофесионалноста, од бирократијата и клиентелизмот, од манипулацијата и нетранспарентноста. За жал, културата е далеку од ‘ослободена од заробеноста’ и принципите на Стратегијата изгледаат како хипокритична демагогија на парче хартија, затоа што во реалноста состојбите се дијаметрално спротивни и поразителни. Сѐ уште сме сведоци на партизација на институциите, каде што припадноста на партијата е повисок критериум за избор на раководно лице, член на управен одбор, па дури и обичен вработен, од критериумите на стручност, образование, искуство и компетентност кои произлегуваат од објективното расудување и се предвидени со Закон“, велат од Иницијативата.

    Тие денес испратија пет барања, меѓу кои: разрешување или оставка на новоименуваниот директор на Центарот,  измени во членот 27 од новиот Предлог закон за остварување на јавниот интерес во културата и негово усвојување во најбрз можен рок; вештачење и јавна проверка на документите за докажано работно искуство во областа на културата, како и сертификатите за познавање англиски јазик на сите актуелни и идни кандидати за раководни позиции во културните институции; и јавно објавување на програмите со кои конкурирале сите актуелни раководители на институции и нивните противкандидати.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира