Ирена беше авангардна и прогресивна, со изграден став како личност, реална и објективна. Естета. Го сакаше животот, а тој, не секогаш возвраќаше со љубов, рече оперската пејачка Весна Ѓиновска-Илкова на денешната комеморација во Националната опера и балет (НОБ) за колешката Ирена Кавкалевска, која почина на 51 година на 25 септември.
Ѓиновска-Илкова говореше за студентските денови на Факултетот за музички уметности (ФМУ), за средбите со кафе во „Менада“ после предавањата, за претставите на сцена, за разговорите што ги имале во заедничката гримиорна во оперската куќа, за долгите телефонски разговори кои секогаш завршувале со муабет за операта.
„Во текот на претставата знаевме да си дадеме по некој ишарет доколку ни е потребна една секунда пауза или пошироко сценско движење. Ја почитуваше работата зададена од режисерите, иако не секогаш беше логична и природна. Колега со кој можев да споделам и разни животни ситуации, да разменам мислење, да бидам сослушана. Ѝ верував. Реална во ставовите, знаеше да подели совет кој беше издржан. Ја почитуваше музиката, материјата и пееше без импровизации. Како партнер на сцената беше прецизна, јасна, сигурна во изведбата и оставаше простор за работа на другиот. Драга Ирена, нема да те оставам да бидеш заборавена. Ќе те спомнувам секогаш и секаде и ќе се присетувам на сите заеднички мигови поминати заедно“, рече првенката Ѓиновска-Илкова.
Генералниот директор на НОБ, Оливер Арсовски кажа дека сите колеги со кои ја делеше сцената, соработниците позади сцената кои ја подготвуваа за настапите и секако, публиката која ги следеше нејзините претстави, се свесни за губитокот кој нејзиното заминување го направи, а во иднина и уште повеќе ќе ја продлабочи празнината во полето на македонската музичка култура.
„Поради тоа што знаеме каков уметник беше, заради тоа што знаеме каква колешка имавме. Изграден оперски пејач, со свој специфичен интерпретациски израз, квалитетен вокал и извонреден артист. Искрена колешка, отворена за соработка, секогаш подготвена да пружи поддршка и да го споделува успехот на другите“, рече Арсовски.
Добитничка на неколку награди и школувана во Македонија, Софија, Грац, Загреб, Кавкалевска дебитираше на сцената на Македонската опера и балет во 1996 со улогата на Мадалена во „Риголето“. Настапувала на многу фестивали и оперски сцени, а нејзиниот репертоар зборува за успешни креации во „Кармен“, „Аида“, „Набуко“, „Моќта на судбината“, „Сестра Анџелика“, „Јулиј Цезар во Египет“, „Севилскиот берберин“, „Лилјакот“, „Иван Сусањин“, „Цар Самоил“.
Б. НЕСТОРОСКА