Оскаровецот Питер Џексон синоќа ја прими почесната Златна палма на Канскиот филмски фестивал. Наградата му ја врачи Илајџа Вуд, кој го глумеше Фродо Багинс во трилогијата „Господарот на прстените“, чиј режисер е Џексон.
Вуд говореше за првата средба со Џексон кога имал 18 години, откако испратил видеоснимка за аудиција.
„Тој ја видел ВХС-касетата што ја снимив со пријатели во шумата на Грифит Парк и побараа да го запознаат младиот човек кој ја испратил. А, кога по некое време дојде повикот дека ќе бидам Фродо Багинс, седнав на подот во мојата соба и сфатив дека мојот живот штотуку се подели на пред и потоа“, кажа Вуд.
Џексон одржа емотивен говор за тоа како Кан помогнал да се спаси франшизата „Господарот на прстените“ по периодот на лош публицитет за време на катастрофалното спојување на „АОЛ“ и „Тајм Ворнер“.
„Ги снимивме сите три филма ‘Господарот на прстените’ во текот на три години. Медиумите беа малку чудни и пишуваа дека тоа е голема лудост. Што ќе се случи ако првиот филм пропадне? Што ќе прават со вториот и третиот филм кога тие веќе се снимени? Тоа беше огромен ризик и сите медиуми пишуваа дека тој ризик ќе пропадне. Но, основачот на ‘Њу лајн синема’, Боб Шејс, имаше план. Реши да прикаже 20 минути од првиот филм на фестивалот во 2001 за да се промени наративот. Големиот ризик на Боб навистина ја промени перцепцијата за филмот. До моментот кога филмот излезе, веќе постоеше исчекување какво што немаше да има без Кан“, кажа Џексон.
Седумдесет и деветтото издание на Канскиот фестивал почна вчера, а ќе трае до 23 мај.



