На премиерата на новиот македонски филм, комедијата „Ах љубов моја“ на сценаристот и режисер Коле Ангеловски на Скопскиот филмски фестивал (СФФ) синоќа во кино „Милениум“, сите беа среќни. Ова е третата комедија во историјата на домашната кинематографија, по „Мирно лето“ на Димитрие Османли од 1961 и „Викенд на мртовци“ на Ангеловски од 1988.
Можеби тоа што синоќа сите беа среќни се должи на, како што рече 74-годишниот Ангеловски, тоа што се работи за настан од „фамилијарен“ тип, зашто гости беа пријатели и дел од бројната екипа кои меѓу себе помалку или повеќе се познаваат и се пријатели на филмот. Во публиката имаше и многу лекари, не баш сите кои го одржуваат здравјето на Ангеловски, но и тие.
Во 55-годишната плодна кариера како актер, сценарист и режисер, ова е трет игран филм на Ангеловски, првиот беше „Колнати сме, Ирина“ во 1973, а овој доаѓа 29 години по култниот „Викенд на мртовци“. Коле вели патетично е да зборува за тоа дека направил филм за љубов и за смеење, за забава. „Цел живот го правам ова“, вели, но се потсети дека и не е сѐ така мазно во оваа забава, што се надева ќе ја освежи домашната кинопублика.
„Имавме ограничен буџет, и одредени 12 денови снимање во хотелот ‘Радика’ кој е со пет ѕвездички, а екипата беше на полн пансион. Парите не стигнаа навреме, и моравме да завршиме за 10 дена. Тогаш, шегата што постајно ја повторувам дека ќе умрам ако не го доврашам она што сум го почнал, проработе. Вистина ми се слоши, и ме однесоа кај моите кардиохирурзи во Скопје кои ме закрпија за да продолжам. Во меѓувреме, тие два дена поминаа, и моите асистенти завршија предвреме“.
Настрана тоа што ова беше фестивалска и пријателска проекција, реакциите се дека Ангеловски на своите 74 години, со буџет од Агенцијата за филм помал и од оние за дебитантските филмови направи филмска адаптација на истоимената претстава со која се отвори Театар Комедија, која, секако ќе има своја кинопублика, и ќе биде филм што домашната јавност ќе сака да го гледа.
„Најмногу се радував на тишината за време на проекцијата. Местата каде што ќе се смее публиката се знаат, но бев зачуден од вниманието кое во тишина публиката го посвети на дејството, во очекување што ќе се случи“, вели Ангеловски.
Реакциите се дека и ние имаме свои глумци кои не се од регионот, а кои се одлични, и препознатливи, па големи комплименти добија Нина Деан, Атанас Атанасовски, Александар Микиќ , Соња Стамболџиева, Роберт Ристов, Жарко Димоски, Крсте Јовановски, Марија Кондовска, Ердоан Максут, Кристина Ласовска, Валентин Костадиновски, Ева Скендеровска, Едмонд Сотир, Андон Јовановски.
Актерите и продуцентитите од „Авард филм и видео“, „Квазар филм“ и „КТ продокција“ велат дека се задоволни дека напривија исчекор во разубавување на сегашната стварност.
„Можеби ова не е уметност, некој ќе рече оти е забава, но доста веќе од мачни и мрачни теми. Излеговме малку од секојдневието. Се забавуваме во процесот на работа, и се надеваме дека тоа ќе го сподели публиката со нас“, велат од екипата.
Директор на фотографија е Роберт Јанкулоски. Сценограф е Илина Ангеловска. Костимографи се Лира Грабул и Раде Василев. Монтажата е на Блаже Дулев. Дизајнер на звукот е Дарко Спасовски – Пацки. Музиката е на Венко Серафимов и Џенгиз Ибрахим.
Она што во дизајнот на филмот дава посебен тон е секако енреиерот на ресторанот „Роџер“ на влезот во Скопје, што беше пик за поентата на пародичниот филм за супермедиумскиот малограѓански љубовен триаголник со пеење и пукање.
По Скопскиот филмски фестивал, „Ах љубов моја“ ќе игра во киносалите во Скопје и низ Македонија, а продуцентите најавуваат и ТВ-серија од истиот материјал.
А, СФФ продолжува вечерва со „2001:Одисеја во вселената“ од првата ретроспектива на Стенли Кјубрик во Милениум од 17 часот, како и со „Младиот Карл Маркс“ во 20 часот на Раул Пек и со „Кралицата на Шпанија“ од 22 часот, со Пенелопе Круз.
Во Кинотеката на Македонија од 19,30 часот продолжува програмата „Креираме заедно“ со проекции на филмови за деца синхронизирани на македонски и со адаптиран превод за лица со оштетен слух.