„Догодина ќе се пензинирам, а уште го немам дочекано Колективниот договор во културата“, рече Весна Кочанковска, градежен инженер и советник конзерватор во битолскиот Завод и музеј која денес им се придружи на штрајкувачите од културата. На вратата од Заводот пишуваше штрајк и беше прекинат процесот на работа. Членовите на Синдикатот на култура на Македонија (СКРМ) од оваа институција велат дека во Битола имаат педесетина членови низ институциите за култура, а другите вработени се членови на Синдикатот за образование и од нив имаат логистичка поддршка.
„Состојбата во култура е ваква со децении. Цел работен век откако сум вработена имам чувство дека културата е на најпоследни гранки, а ете сега чекаме и Колективен договор, неговото потпишување постојано се одлага“, рече Кочанковска.
Од Синдикатот велат дела новиот Колективен договор не е потпишан деценија и половина, а во последните две години се преговараше и со власта. Работниците од културата на денешниот еднодневен предупредувачки штрајк побараа поголеми плати и други права кои им се укинати.
„Во цела култура заштитата и музејската уметност останаа на најниско ниво на плати каде можам да кажам дека и докори на науки добиваат некои музерни примања. Еден доктор на науки да зема 400 евра плата, а доктор на науки треба да се смета за повисоко ниво на образование и придонесуивање во ова општество. Се бара усогласување на платите на ниво на култура, не на ниво на дејности. Се бара регулирање на дотатоците на плати. Во нашите дејности одамна се укинати теренски додатоци, патни трошоци. Ако културата е темелна вредност на една држава таа треба така и да ја третира, да не биде маргуинализирана“, рече Енгин Насух, археолог од Завод и музеј-Битола.
„ Оваа Влада еднаш направи нивелација во 2018 и е веќе крената. Сакаме со колективниот договор да ја заокружиме и да ја завршиме. Тоа што се бара од Синдикатот е зголемување на платите за некои 20 проценти, но притоа нивелацијата мора да биде завршена до крај. Зборуваме за нивни барања, можностите од државата после ќе се разговараат. На пример, ако кустос доктор на науки зема еднаква плата со тон-мајстор, тоа не е во ред, а такви примери сè уште постојат во културата. Да постигнеме фер состојба за сите, а нивелацијата треба тоа да го реши. Апелирам секој да го заврши својот дел за да се постигне потпишување на колективниот договор. Ние сме подготвени, зашто колективниот договор не е важен само заради платите, туку е важен за многу придобивки во културата“, рече денес премиерот Заев.
Ж. ЗДРАВКОВСКА