Вечерва од 20 и од 20.20 часот во скопското кино „Синеплекс“ е кинопремиерата на дебитантскиот филм на Димитар Оровчанец, „Убиј ги прво децата“.
„Убиј ги прво децата“ е во продукција на „Трис филмс“ и „ДМФ филмс“. Продуценти на филмот се Атанас Георгиев и Дејан Илиев, и беше поддржан со 20 милиони денари (325 илјади евра) на Конкурсот во прв рок за 2020 на Агенцијата за филм, а се снимаше во 2022 во Скопје.
Во филмот играат Миа Жиро, Стефан Спасов, Мартин Ѓоргоски, Адриан Азири, Александар Ѓоргиески, Стефан Вујисиќ и други. Камерата е на Владимир Самоиловски, дизајнер на продукција е Сашо Блажевски, костимите се на Ина Чолак, сценографија на Калина Игновска, монтажата на Софија Самоиловска, а музиката на Игор Василев-Новоградска.
Филмот имаше светска премиера на 19 август на 30. Филмски фестивал во Сараево, а го затвори 45. издание на Интернационалниот фестивал на камера (ИФФК) „Браќа Манаки“ во Битола на 27 септември.
Продуцентите велат дека „Убиј ги прво децата“ е комична приказна за тинејџерка балерина, нејзиниот лудо вљубен дечко и неговиот налудничав најдобар другар со украден полициски пиштол кои се губат во најдлабоките лавиринти на скопското криминално подземје заради мобилен телефон што содржи компромитирачко видео.