Можеби најдолгиот аплауз на сцените на домашните театари се случи на крајот од премиерата на „Ничија земја“, синоќа во Македонскиот народен театар (МНТ). Режисерот, миленик на македонската, но и на европската театарска јавност, Александар Морофов, знае да режира претстави, но знае да го изрежира и поклонот, со добра музика, со хумор, со драматургија до овации за најглавните актери.
А, „Ничија земја“, по текстот на сараевчаноцот Данис Тановиќ, кој за филмот доби Оскар во 2001 година, и во оваа сценска адаптација предизвика бура од емоции, хумор и тага, преиспитувања: до кога на Балканот комшиите, пријателите па и фамиите ќе се гледаат низ нишанот на оружјето, до кога нема да се знае кој прв почна, до кога голобрадото дете , исплашено и добро воспитано, преку ноќ ќе стане крвник и убиец, до кога ќе седиме на нагазна мина и ќе чекаме некој друг да ни помогне, до кога ќе седиме и ќе чекаме нешто само од себе да се случи во земја, која е ни ваму ни таму.
Хероите во апсурдната траги-комедија режирана во атмосфера на Бекетовскиот „Чекајќи го Годо“, но во ровот на ничијата земја се Сашко Коцев, Никола Ацески, Александар Михајловски и Гораст Цветковски, а не помалку важни се членовите на двете спротивставени банди, извајани во парадоксот на нивната блискост и омраза во истовреме: Александар Микиќ, Славиша Кајевски, Александар Ѓорѓиески, Борче Начев, потоа групата Унпрофорци со Оливер Митковски, новинарите од „Си-Ен-Ен“ со Камка Тоциновски. Сценографи и костимографи се Никола Тороманов и Валентин Светозарев, светлото е на Крис Јегер.
Премиерата се одржа во набиен спортски ден, по ракометот во полуфиналето на Лигата на шампиони на Вардар и по фудбалското финале во ЛШ. Машката екипа на претставата „Ничија земја“, во други околности не би го пропуштила овој ден, но велат, „посветено работевме на проектот од февруари, а и вистинските мажи одат во театар“. Господата од публиката додаваат оти полниот салон и со публика од машкиот пол потврдува дека жената го има последниот збор. На крајот, сите задоволни долго се дружеа во фоајето каде што е поставена изложба на театарски фотографии на Драган Гајиќ. Со оваа вечер започна годинешниот МНТ фест, кој продолжува денес со Детскиот МНТ фест и со проекција на документарец, а продолжува утре и задутре со „Магбет“, продукција која доаѓа од Кина.