Тоа што е Ален Делон за Франција, Коле Ангеловски е за Македонија, рече денес филмологот Атанас Чупоски на свеченоста во Кинотеката за актерот и режисер, кој заедно со костимографката Зорка Тодорова-Младеновиќ ги добија наградите „Златен објектив“ за 2020.
Доајените на македонскиот театар и филм, уметници кои целиот свој живот го посветија на уметноста, ја добија наградата која Кинотеката ја доделува на филмски работници кои преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.
Никола Ангеловски-Коле (1943) е филмски, телевизиски и театарски актер и режисер, сценарист и драматург. Првите актерски улоги ги има уште како дете, во детската радиодрама и детскиот куклен театар, но, на филм дебитира во 1962 во југословенскиот филм „Саша“ на Раденко Остоиќ. Дипломирал актерство на Академијата за театар, филм, радио и телевизија во Белград, а од 1967 , па сѐ до пензионирањето работи во Драмскиот театар во Скопје.
Ангеловски за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека настанот во Кинотеката го доживел многу емотивно, особено што беше токму во Кинотеката, и бил опкружен со драг круг на пријатели.
„Денеска ме споредија со Ален Делон во филмот ‘Црвениот круг’ на Жан-Пјер Мелвил, но не ја знаат таа анегдота врзана со филмот. Во 1969 јас добив стипендија и заминав за Париз, и бев четврт асистент на тој филм“, ни рече доајенот и продолжува: „Потоа добив покана од продуцентот на комичарот Луи де Финез, славен комичар, како наш Прличко, да бидам асистент на негов филм. Во исто време добив покана за едни од главните улоги во два југословенски филма. Се мислев, дали да останам во Франција и да ме трчкараат или да глумам главни улоги во југословенските филмови. Нормално, се вратив во Југославија и постигнав сѐ што постигнав“, ни рече Ангеловски.
Добитник е на голем број награди за своите филмови и улоги – филмски и театарски – и покрај Петре Прличко и Илија Џувалековски, е еден од македонските актери кој остварил најголем број на улоги во југословенската кинематографија, покрај домашната, македонската. „Битката на Неретва“, „Жед“, „Лито виловито“, „Да се дојде и остане“, „По Коњух планина“, „Македонска крвава свадба“, „Оловна бригада“, „Јужна патека“, „Нели ти реков“, „Собирен центар“, „Црвениот коњ“, „Храненик“ се само неколку од многуте филмови во кои се појавува Ангеловски.
Во 1973 го режира својот прв долгометражен игран филм „Татко (Колнати сме, Ирина)“, според романот на Живко Чинго, со Велимир Бата Живоиновиќ, Неда Арнериќ и Мето Јовановски во главните улоги, а во 1988 и 2017 година филмските комедии „Викенд на мртовци“ и „Ах љубов моја“.
Тодорова-Младеновиќ (1943) е филмски и театарски костимограф, моден дизајнер и автор. Дипломирала на отсекот по сценографија и костимографија на Националната школа за декоративни уметности во Париз, Франција, во 1968 по што се вработува во Радио-телевизија Скопје како костимограф за тв-серии, драми и забавно-музички емисии. Истовремено работи костими и за играни филмови („Мементо“, „Жед“, „Истрел“, „Исправи се Делфина“, „Црвениот коњ“, „Мемо, мојот татко“, „Хај-фај“, „Војната заврши“ итн.), и за театарски претстави (во Драмски театар, Кумановски, Битолски театар, Театар на националности, Театар „Пралипе“).
Тодорова-Младеновиќ се надоврза на Ангеловски. Кажа дека додека престојувала во Париз, каде и студирала, постојано одела во Кинотека. Имала прилика и да се запознае со тогашниот директор на таа институција.
„Го сакам филмот, работам на филм и од сите мои дејности најмногу сакам да работам на филм како костимограф“, рече Тодорова-Младеновиќ.
Во 1977 специјализира изработка на костим на Школата на синдикалната комора за висока мода во Париз, и почнува поинтензивно да работи во македонската текстилна индустрија и конфекција. Подоцна предава Историја на облека и Модно креирање како доцент на Факултетот за ликовни уметности и вонреден професор на Технолошко-металуршкиот факултет, кадешто се пензионира.
Авторка е на костимографски решенија за повеќе од 90 филмски, телевизиски и театарски проекти, како и на 200-тина историски костими за восочните фигури изложени во редовните поставки на Музејот на македонската борба за државност и самостојност и Археолошкиот музеј во Скопје.
Досегашни добитници на ова признание беа режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов и Кирил Ценевски, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорот и карикатурист Дарко Марковиќ, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, филмскиот работник Коста Крпач, продуцентот Панта Мижимаков, филмската критичарка Илинденка Петрушева, монтажерот Димитар Грбевски и костимографката Елена Дончева.
Б. НЕСТОРОСКА