КОМЕДИЈАТА „100 РАБОТИ“ ВЕЧЕРВА ГО ОТВОРА 14. ФЕСТИВАЛ НА НОВИОТ ГЕРМАНСКИ ФИЛМ

    КОМЕДИЈАТА „100 РАБОТИ“ ВЕЧЕРВА ГО ОТВОРА 14. ФЕСТИВАЛ НА НОВИОТ ГЕРМАНСКИ ФИЛМСпоред критиката, комедијата „100 работи“ има „весела, заразна комика“ и „предочува дека нема толку лесен излез од логиката на капитализмот“

    Со комедијата „100 работи“ во режија на Флориан Давид Фиц, вечерва во 19 часот во киното Милениум, ќе почне 14. Фестивал на Новиот германски филм. Од утре до 6 мај фестивалот ќе продолжи во киното Фросина, потоа ќе патува во киносалите низ земјата: Кавадарци, Куманово, Гевгелија, Прилеп, Охрид, Радовиш, Штип, Тетово и Битола.

    На фестивалот ќе се прикажат драма, трагикомедија и комедија, семеен, детски и документарен филм, серија кратки филмови, меѓу кои: „Жешко столче”, „Надвор од системот”, „Во време кога светлината згаснува”, „Исход на вистината”, „Стикс”, „Среќата е за слабаци”, „Љубопитниот Тоби и тајната на нашата планета”, „Тим Талер или момчето што ја продаде својата насмевка” и „Помош ги смалив родителите”.

    „Фестивалот редовно селектира филмови кои отвораат општествени размислувања и теми, не́ ангажира, а со тоа почнува и да нè менува. Филмовите се грижливо избрани со цел да задоволат многу вкусови, а некои од нив се навистина ексклузивни со постигнат огромен успех на филмските фестивали, а еден од нив беше и во конкуренција за наградата Златна мечка на престижниот Берлинале“, најавува амбасадата на Германија.

    Гости на фестивалот ќе бидат директорот на Берлинскиот фестивал за кратки филмови Интерфилм, Хајнц Херманс и и филмската монтажерка од Берлин, Алета вон Фитингхоф. Тие ќе се сретнат со сите заинтересирани филмски работници во земјата, а ќе одржат и работилници со студентите по филмска уметност.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари