На 20 април во 12 часот, во Галеријата „Јустина и Родољуб Анастасов“ во Музејот на Град Скопје ќе се одржи комеморација во чест на доајенот на современата македонска ликовна уметност Родољуб Анастасов. Анастасов почина на 4 април во Скопје на 91 година.
Анастасов е еден од најважните сликари во современата македонска уметност. Во 2009, Американскиот биографски институт го вброи Анастасов меѓу 500 најголеми генијалци во светот во 21. век.
Анастасов бил ученик на Лазар Личеноски, Димитар Пандилов и Васил Коџоман, а во 1962 дипломирал на Уметничката академија во Белград. Од 1963 до 1965 бил на робија на Голи Оток како политички осуденик за вербален деликт, поради несогласување со ставовите за апстрактната уметност на југословенскиот лидер Јосип Броз-Тито. По враќањето во Скопје почнал да работи на полето на нефигуративната уметност. Од 1980 до пензионирањето беше професор на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) во Скопје.
Во 2011, Анастасов на Музејот на Град Скопје му подари збирка од вкупно 389 дела, а музејот именуваше една од галериите „Јустина и Родољуб Анастасов“ каде секоја година се отвара поставка со дела од колекцијата и која често и самиот ја посетуваше.
Последната изложба на Анастасов со нови дела беше во Музејот на Град Скопје во јули 2023, насловена „Визии-Глава полна со луѓе“ со над 200 портрети, насликани во периодот 2016-2022.
Лани во февруари, во чест на неговиот 90. роденден, беше отворена изложбата „Сите деца на Родољуб Анастасов“, со дела на 42 уметници кои биле студенти од сликарските класи на професорот Анастасов од ФЛУ (1980-2000).



