КОМПЈУТЕРИ ЗА СЛЕПИ И СЛАБОВИДНИ ЛИЦА СЕ ПОСТАВЕНИ ВО НОВАТА МУЛТИМЕДИЈАЛНА ЧИТАЛНА ВО НУБ „СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“

    КОМПЈУТЕРИ ЗА СЛЕПИ И СЛАБОВИДНИ ЛИЦА СЕ ПОСТАВЕНИ ВО НОВАТА МУЛТИМЕДИЈАЛНА ЧИТАЛНА ВО НУБ „СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ“Читалната е на простор од 400 квадратни метри, на два спрата и има над 70 кориснички места. (Фото: К. Попв)

    Над 250 илјади онлајн книги се бесплатно достапни во мултимедијалната читална која е отворена во Националната и универзитетска библиотека (НУБ) „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Читалната е во стаклениот објект кој беше  пуштен во употреба пред 16 години.

    Читалната е на простор од 400 квадратни метри, на два спрата и има над 70 кориснички места.

    „Опремена е со современи компјутери, интерактивни работни станици, дигитални архиви, аудиовизуелна опрема и удобен простор за индивидуална и групна работа. Нашите корисници ќе имаат можност бесплатно да ги користат базите со електронски податоци, односно, над 250 илјади онлајн книги бесплатно како и огромен број на научна и стручна содржина од аспект на периодика. Дел од компјутерите се опремени со софтвер за слепи и слабовидни лица, целосно е покриена со безжичен интерннет и има обезбеден пристап за лицата со попречености“, рече директорот на НУБ, Јовица Никчевски.

    Директорот Никчевски рече дека просторот е создаден со цел да им овозможи на сите љубопитни умови современо, инспиративно и интерактивно место за учење, истражување и креативност. (Фото: К. Попов)

    Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, рече дека отворањето на новата мултимедијална читала не е само технолошки напредок, туку е чекор кон една современа библиотека „која дише со времето, која се отвора кон новите генерации читатели, истражувачи, творци“.

    На средина од првиот спрат од читалната, изложени се оригиналните примероци од „Речник од три јазика“ од Ѓорѓија Пулевски од 1875, „За македонкцките работи“ од Крсте Петков Мисирков од 1903, примерокот од „Абецедар“ (Abecedar) испратен за одобрување во Друштвото на народите во 1925, првиот „Буквар со читанка“ на кодифициран и стандардизиран македонски јазик издаден во 1945  и првата „Македонска граматика“ од Круме Кепески од 1946 година, како и фототипните изданија со предговори од д-р Весна Мојсова-Чепишевска, д-р Симона Груевска-Маџоска, д-р Елка Јачева-Улчар, д-р Станислава Тофоска и д-р Јованка Кепеска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира