КОНЦЕРТ СО МАКЕДОНСКИ ИЗВОРНИ ПЕСНИ ВО ЧЕСТ НА СВЕТИ КИРИЛ ВО РИМ НА КАМЕРНИОТ ОРКЕСТАР ОД БИТОЛА СО НАДА ТАЛЕВСКА-СПАСОВСКА

    КОНЦЕРТ СО МАКЕДОНСКИ ИЗВОРНИ ПЕСНИ ВО ЧЕСТ НА СВЕТИ КИРИЛ ВО РИМ НА КАМЕРНИОТ ОРКЕСТАР ОД БИТОЛА СО НАДА ТАЛЕВСКА-СПАСОВСКАНа програмата на концертот се македонски изворни песн, сплет од староградски песни за Битола, византиски песни. (Фото: Министерство за култура)

    Попладнево во салата Балдини во Рим, како дел од културната програма за одбележување на традиционалната манифестација „Ден на светите Кирил и Методиј“ во Ватикан,  концерт ќе одржи Камерниот оркестар на Битола, кој како секстет ќе настапи со оперската певица Нада Талевска-Спасовска. Концертот е во организација на Министерството за култура.

    На програмата на концертот во чест на сесловенските просветители, се македонски изворни песни, меѓу кои и „Бор садила мома Евгенија“, „Елено ќерко“, „Јовано, Јованке“, „Налеј, налеј“, сплет од староградски песни за Битола, византиски песни и други дела од богатата македонска изворна музичка ризница.

    Државно-црковната делегација од Македонија од денеска престојува во Рим и во Ватикан каде што ќе се поклони на гробот на Свети Кирил. Во делегација што ја предводи претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се и заменик-министерот за култура Онур Али,  амбасадорот во Италија Весел Мемеди, амбасадорката во Ватикан Марија Ефремова, директорот на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј и митрополитот европски Пимен.

    Претседателката Сиљановска-Давкова денеска ќе има аудиенција кај папата Фрањо и средба со државниот секретар на Светиот престол, монсињор Пјетро Паролин. Во агендата на претседателката, меѓудругото за утре е најавена и средбата со претседателот на Италија, Серџо Матарела.

    Поклонението на гробот на Свети Кирил во базиликата „Сан Клементе“ во Рим првпат е организирано во 1969 за 1.100 години од смртта на Свети Кирил, и оттогаш секоја година на 24 мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира