КОСТАДИН ТАНЧЕВ-ДИНКА ЈА ОТВОРА ИЗЛОЖБАТА „МИГНОВЕНИЕ“ ВО КИЦ ВО СКОПЈЕ

    КОСТАДИН ТАНЧЕВ-ДИНКА ЈА ОТВОРА ИЗЛОЖБАТА „МИГНОВЕНИЕ“ ВО КИЦ ВО СКОПЈЕТанчев-Динка на отворањето на изложбата „Динка и јас“ на Националната галерија на Македонија (НГМ) во 2019. (Фото: НГМ)

    „Мигновение“ е насловена изложбата на слики од Костадин Танчев-Динка, која ќе се отвори вечерва во 20 часот во Културно инфортамативниот центар (КИЦ) во Скопје. Танчев-Динка важи за еден од најзначаните современи македонски уметници, водечки мајстор иноватор во наставата по дизајн, бележит сценограф, врвен изработувач на плакати и дизајнер на публикации.

    Танчев е роден во 1940 во Валандово, а училиште за применета уметност завршил во Скопје во 1961. Од 1961 студира на Академијата за применета уметност во Белград, а по завршувањето на првиот степен, по препорака на Универзитетскиот совет на Белградскиот универзитет во текот на 1963-1964 бил на специјализација во Лондон. Од 1969-1970 година работи во секторот за маркетинг во НИП „Нова Македонија“. Од 1973-1975 година престојувал во Париз каде што изложувал во повеќегалерии. Во 1975 учествувал на изложбата „50-те млади надежни сликари“ на Мајскиот салон „Дефанс“ во Париз.

    По враќањето од Париз, од 1975, продолжува да работи како раководител на секторот за графички дизајн и ентериер во Културно информативниот центар во Скопје. Во периодот од 1978-1981 година активно учествувал во научните истражувања и реализацијата на новите форми на културна комуникација и творештво, што се изведувале во рамките на Естетичката лабораторија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“.

    Од 1985 е избран за наставник на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во графичкиот оддел по предметите цртање и графика со графички техники. Истовремено, во овој период е ангажиран во изведувањето на наставата во насочениот дел од студиите, во насоката графички дизајн и под негово менторство со успех се одвива наставно-образовниот процес по опрема на книга и илустрација, фотографија, визуелни комуникации, плакат и графички стандарди.

    Учествува во реализацијата на издавачката дејност на Факултетот, особено во издавање на Графичката мапа на професорите на ФЛУ во 1987, публикацијата по повод десетгодишниот јубилеј на ФЛУ, студентската мапа од 1986 и поголем број каталози и идејни решенија за потребите на Факултетот.

    Добитник е на преку четириесет награди и признанија за своето творештво во ликовната уметност и дизајнот, вклучувајќи и високи општествени награди и признанија.

    Член е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) од 1971  и во два мандата бил претседател на друштвото.

    Изложбата, која е дел од културна понуда на Град Скопје за Европска престолнина на културата 2028, ќе трае до 1 ноември.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира