Текстот стар 122 години, „Крал Иби“ од Алфред Жари, утревечер во 20 часот во Драмски театар, премиерно ќе се изведе како експериментална и современа поставка, во режија на Васил Христов.
Христов, кој по долго време се враќа во институционален театар, а за првпат работи во Драмски, вели дека Жари претставува предвесник на надреализмот во театарот и е основоположник на Театарот на апсурдот.
Неговото култно дело „Крал Иби“, вели Христов, се третира како првата модерна авангардна драма во театарската и е еден од првите три стилизирани бурлески каде Жари ги исмева и покажува аномалиите на модерното време.
Основата на „Крал Иби“ е „Магбет“ од Шекспир, а во претставата се користени делови и од „Хамлет“, „Крал Лир“, „Ричард Трети“.
„Преку главниот протагонист Татко Иби во една структура на гротескна пародија на Шекспировиот Магбет, плашливецот Крал Иби, претставникот на буржоазијата е прикажан како некој кој бескурпулозно гази сѐ пред себе за да ги достигне своите цели. Преку овој централен карактер кој е познат по неговиот апсурдно инфантилен однос кон светот и кој поседува алчна потреба по низа задоволства, авторот ни ја презентира неговата слика за модерниот човек. Во таа смисла Иби е метафора за тој модерен човек, кој е прикажан како грд, вулгарен, алчен грандиозен, нечесен, глупав, незрел, зол и кукавица. Истовремено авторот става акцент и ги издвојува алчноста и моќта за власт како ‘болести“ во модерниот свет“, кажа Христов.
Играат: Игор Ангелов, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Зоран Љутков, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ, Софија Куновска, Предраг Павловски, Јана Стојановска, Долорес Поповиќ, Катерина Шехтанска-Лаковски, Маја Вељковиќ-Пановска, Емилија Мицевска, Тамара Ристовска и Игор Георгиев.
Сценографијата е на Тодор Даевски и на Христов а костимите на Розе Трајчевска-Ристовска.
Б. НЕСТОРОСКА