КРАТКИОТ ФИЛМ „НАЛЕПНИЦА“ НА ГЕОРГИ УНКОВСКИ ВО СЕЛЕКЦИЈАТА НА САНДЕНС

    КРАТКИОТ ФИЛМ „НАЛЕПНИЦА“ НА ГЕОРГИ УНКОВСКИ ВО СЕЛЕКЦИЈАТА НА САНДЕНСЕкипата на чело со режисерот Георги М. Унковски и актерот Сашко Коцев по премиерата во киното Фросина во септември годинава (Фото: „Синема футура“)

    Краткиот игран филм „Налепница“, по сценарио и режија на Георги М. Унковски е селектиран на најголемиот американски филмски фестивал на независен филм Санденс,  основан од легендарниот актер и режисер Роберт Редфорд. Според програмата за 39. издание на фестивалот (23 јануари – 2 февруари 2020), „Налепница“ ќе игра во селекцијата Меѓународни кратки играни филмови, а селектиран е меѓу над 5.000 пријавени за оваа програма, во која се избрани 74 филмови од 27 земји.

    На годинашното издание на Санденс, македонскиот документарец „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубо Стефанов освои три награди меѓу кои и Главната награда од жирито во програмата Светски филм за документарци, Специјалната награда од жирито за влијание за промена за Котевска и Стефанов како и Специјална награда за камера за Фејми Даут и Самир Љума. Во 2018, кусиот „Види ја ти неа“ на Горан Столески победи во селекцијата за краток филм.

    Сашко Коцев ја игра главната улога во „Налепница“ (Фото: Агенција за филм)

    Премиерата на „Налепница“ беше на крајот на септември во киното Фросина во Скопје. Филмот е во продукција на „Синема футура“, и е црна комедија во која главниот лик по неуспешниот обид да ја обнови својата сообраќајна дозвола, тргнува на пат и запаѓа во серија бирократски проблеми.

    Филмот се снимал шест дена повеќе локации низ Скопје. Главната улога ја игра Сашко Коцев, кој ја играше главната улога и во дебито на Унковски, краткометражниот „Пепи и Муто“. Во екипата се и: Мони Дамевски, Џевдет Јашари, Љупчо Тодоровски-Упа, Соња Стамболџиоска, Димитрија Доксевски, Калина Димитриовска, Анастасија Аневска и Матеј Настевски.

    Кинематографер е Наум Доксевски, сценографијата е на Кирил Спасевски, костимите на Роза Трајческа, додека на маската и шминката на главниот лик работеле Снежана Ангеловска и Ирена Сенокозолиоска. Монтажата е на Мартин Иванов, а дизајнот на звук е на Сашко Потер Мицевски.

    Георги М. Унковски е роден 1988, во Њујорк, тој е син на театарскиот режисер Слободан Унковски и психологот Лина Ќостарова-Унковска. Студирал фотографија на Институтот за технологоија во Рочестер, САД, а магистрирал режија на Универзитетот ФАМУ во Прага, Чешка.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира