Краток филм на македонската режисерка Елеонора Венинова кој е дел од балкански омнибус ќе се прикаже на годинашниот Кански филмски фестивал (14- 25 мај). Филмот „Знакот“ (The Sign) кој е дел од балканска копродукција ќе се прикаже во програмата 15 дена на авторите, популарна како Кензен. Венинова, чии кратки филмови „Влакна“ и „Борба за смрт“ добија повеќе награди на фестивали низ светот, на последниот конкурс на Агенцијата за филм доби поддршка за својот прв долгометражен филм „Преекспонирано“ на „ДНФ Филм“ од 18 милиони денари (292.682 евра).
Агенцијата за филм објави дека во Сараево започнува снимањето на пет краткометражни филмови, кои ќе бидат премиерно прикажани на отворањето на Кензен. Филмовите, кои ќе бидат во времетраење од 10 минути, се реализираат со поддршка од Сараевскиот филмски фестивал и предвидени се како соработка помеѓу 5 автори од регионот и 5 меѓународни автори. Покрај филмот на Венинова, во омнибусот се и филмовите на Душан Касалица од Црна Гора, на Уршка Ѓукиќ од Словенија, на Маша Шаповиќ од Србија и на Невен Самарџиќ од Бих.
Во реализацијата на проектот учествуваат Агенцијата за филм, Српскиот филмски центар, Словенски филмски центар и Филмскиот центар на Црна Гора. Меѓудругото, авторите ќе добијат можност да ги претстават своите први долгометражни проекти на учесниците на Канскиот филмски фестивал и маркет меѓу кои селс агенти, претставници од медиумите и дистрибутери.