Легендарниот американски актер Џин Хекман и неговата сопруга Бетси Аракава се пронајдени мртви во нивниот дом во Санта Фе, Ново Мексико.
„Можеме да потврдиме дека и Џин Хекман и неговата сопруга се пронајдени мртви во нивната резиденција. Отворена е истрага и засега нема сознанија дека станува збор за кривично дело. Покрај нив угина и нивното куче“, објави шерифот на округот Санта Фе.
Хекман, кој во јануари наполни 95 години, беше еден од најзначајните актери во Холивуд од 1970-тите наваму. Во кариерата долга повеќе од четири децении освои два оскара, четири златни глобуси и две награди БАФТА. Тој доби Оскар за најдобар актер за улогата на Џими Попај Дојл во трилерот „Француската врска“ од 1971, а потоа и за најдобра споредна улога за вестернот на Клинт Иствуд „Непростено“ од 1992.
Други филмови за кои беше номиниран за Оскар се „Бони и Клајд“, „Никогаш не сум пеел за татко ми“ и „Мисисипи во пламен“.
Властите не ја објавија причината за смртта на Хекман и 63-годишната Аракава, ниту како тие можеби починале. Тие беа во брак од 1991.
Роден во 1930, Хекман прво служел во војска неколку години, пред да почне актерска кариера. Почнувајќи од 1961, тој остварил повеќе од 100 филмски улоги, последната во 2004. Еднакво уверлив и како позитивец и како негативец, тој беше Лукс Лутор во оригиналните филмови за Супермен, а меѓу неговите најзначајни филмови се истакнува „Разговорот“ на Френсис Форд Копола.