Американски музичари се на денешната програма на 37. Скопски џез фестивал, што ќе кулминира со настапот на Трстон Мур, бившиот фронтмен на еден од највлијателните рок бендови од 80-ите години, „Соник јут“.
Вечерта во Македонската опера и балет ја отвора трубачот Вадада Лео Смит (20 часот), кого, како што се вели во најавата, многумина го сметаат за најзначајниот и најкреативен жив џез музичар. Скопје е единственото место во Европа, каде што концертно ќе биде изведен неговиот наградуван албум од минатата година, „Одрази и медитации на монах“.
По него, од 22 часот, следува концертот на триото „Хариет Табман“, именувано според легендарната робинка и активистка од 19. век. Неговата музика се опишува како „фузија на соул, рок, џез и блуз, за да се добие еден слободен и уникатен музички израз“.
Веројатно најисчекуваниот настан на годинашниот фестивал ќе се случи на полноќ, во Денсинг салата на Младински културен центар.
Трстон Мур цели 30 години ги предводеше „Соник јут“, основоположниците на ноиз рокот, а по распадот на бендот во 2011 година, неговата кариера отиде во друга насока, благодарение на што на неговите многубројни фанови во Македонија вечерва ќе им се исполни сонот да го видат и слушнат во живо.
Г. КОНЕВ