На 6 октомври во 11 часот, на Институтот за македонски јазик и литература ќе се одржи Собир за 60-годишнината од смртта на писателот, историчар и публицист Ѓорѓи Абаџиев (1910-1963). За неговиот литературен опус ќе зборуваат професорите Наташа Аврамовска, Лорета Георгиевска-Јаковлева, Валентина Миронска-Христовска и Гоце Смилевски.
Абаџиев е роден во Дојран, а со своето семејство емигрирал во Грција (1918 ), оттаму во 1921 во Плевен, Бугарија. Уште како дете со неговите родители се преселил во Горна Џумаја (Благоевград) и таму живеел во периодот од 1924 до 1931. Таму завршил основно образование и гимназија. Токму во тој период ја печати својата прва стихозбирка „Печални песни на душата“ (1929-1930).
Во септември 1932 се сели во Софија каде студирал на Правниот факултет, каде што зел активно учество во организациите на прогресивната македонска емиграција во Бугарија. Дипломирал на Правниот факултет во 1937. Абаџиев заедно со Пелин Велков и Ангел Јорданов, во 1936 ја објавиле книгата раскази и уметнички репортажи „Труд и луѓе“. Тој бил уредник и соработник на повеќе весници и списанија, како „Македонски вести“, „Доброволец“, „Глобус“, „Ведрино“, „Кормило“ и „Литературен критик“.
Бил еден од основачите на Македонскиот литературен кружок (1938-1941) и член на Македонскиот литературен кружок „Никола Вапцаров“ во Софија (1946-1947). Бил уредник на весникот „Македонско знаме“ (1945-1947).
По враќањето во Македонија во 1948 година, развива плодна дејност како писател, публицист и историчар. Работел во Институтот за национална историја во Скопје и бил негов директор и еден од основачите. Член на Друштвото на писателите на Македонија од 1949.
Автор е на книгите: „Труд и луѓе“ (уметнички репортажи и раскази, соавторство, 1936), „Изгрев“ (раскази, 1950), „Епопејата на Ножот“ (раскази, 1951), Последна средба“ (раскази, 1953) , „Арамиско гнездо“ (роман, 1954), „Пустина“ (роман, 1961) „Балканските војни и Македонија“ (монографија, 1972), како и на сценариото за филмот „Мис Стон“ (1958).
За својата литературна работа добил повеќе награди и признанија, меѓу кои на државната награда „11 Октомври“.