Преводот на четирите романи на академик Луан Старова на хрватски јазик е голем успех, и тој влегува во редот на најпреведувани домашни автори на странски јазици, рече претседателот на МАНУ, академик Таки Фити на денешната промоција на хрватските изданија . Салонот на МАНУ беше полн со академици, писатели, професори, а гости беа и вицепремиерот Бујар Османи, хрватската амбасадорка Даниела Баришиќ и словенечкиот амбасадор Милан Јазбец.
Академик Фити кажа дека пред скоро две децении, во Загреб беше објавен сега веќе култниот роман „Времето на козите“ од проминентиот издавач „Тим-прес“, а предговорот го напишал познатиот француски социолог, филозоф, врвен научник и интелектуалец Едгар Морен.
„Оваа книга во Загреб наиде на одличен прием, како меѓу книжевната критика, така и меѓу пошироката публика. Тоа, како и други мотиви придонесоа оваа проминетна издавачка куќа да ги објави во заедничка книга ‘Времето на козите’ и ‘Враќањето на козите’, потоа ‘Ервехе – книга за една Мајка’ и набрзо потоа и ‘Љубовта на генералот’. Она што на Луан Старова му донесе особена репутација и висока почит и слава во многу земји, тоа е неговата едиција на романи ‘Балканската сага’, едиција од голем број романи преведени во странски земји“, рече академик Фити.
Тој кажа дека не е случајно што француската книжевна критика токму овие романи ги вреднува во редот на категоријата на големи европски дела, како што не е случајно што многу литературни критичари Луан Старова го споредуваат со еден Кафка, Исмаел Кадаре, со Данило Киш.
„Во оваа пригода сакам и јас да го споделам моето согласување со оние литературни критичари кои на еден или друг начин, укажуваат на основните фактори кои придонеле овие романи да бидат високо вреднувани во европски рамки. Првиот атрибут се однесува на тоа дека се работи за еден просветлен интелект. Луан Старова не е само романсиер, тој е и проминтен професор по француска книжевност и компаративна книжевност кој магистрирал и докторирал на Филозофскиот факултет во Загреб, што значи неговите врски со Хрватска се одамна воспоставени. Вториот атрибиут се однесува на тоа дека има исклучителна наративност, на посебен начин својствен за него, да ги сподели идеите и работите за кои пишува и твори“, рече академик Фити.
Академик Старова е автор на над 200 библиографски единици на разни стручни и научни трудови во земјата и во странство, како и на преводи на дела од Жан-Пол Сартр, Ѓерѓ Лукач, Исмаил Кадаре и други.
На промоцијата говореа и професорите Елизабета Шелева и Ферид Мухиќ, а настапи дуото „Скупи“, во состав Јета Старова-Мехмети (флејта) и Ермаљ Мехмети.
Б. НЕСТОРОСКА