Филмот „Мајка“ на македонската режисерка Теона Стругар Митевска е во пошироката листа од која ќе се бираат номинации за европските филмски награди. Академијата соопшти дека 67 долгометражни филмови се во потесен избор за можна номинација за Европските филмски награди, за кои гласаа членовите на Европската филмска академија.
Во тој избор се 44 долгометражни филмови, 15 документарни филмови и 8 анимирани долгометражни филмови, од кои 27 филмови се во потесен избор режирани или корежирани од жени.
Триесет и осмото доделување на наградите, познати како европски Оскари, е закажано на 17 јануари 2026 во Берлин, Германија, а ги доделува Европската филмска академија (ЕФА). Номинациите ќе бидат објавени на 18 ноември.
„Со претставени 34 европски земји – и од ЕУ и од земји вон ЕУ – листата на избрани филмови ја одразува извонредноста на европското филмско творештво, демонстрирајќи ја разновидноста, различноста и креативноста низ цела Европа“, вели ЕФА.
„Мајка“ oд 16 октомври ќе почне да се прикажува во сите кина низ Македонија. Филмот е инспириран од животот на Мајка Тереза, и е прв филм на Митевска на англиски јазик. Сценариото е на Митевска и на Гоце Смилевски и Елма Татарагиќ.
Филмот, кој имаше светска премиера на Венецискиот филмски фестивал, на отворањето на програмата Хоризонти, е за седум дена од животот на Мајка Тереза во 1948 во Индија, со сите душевни премрежиња што ги имала додека чекала одобрение од Ватикан да го напушти манастирот и да основа нов ред. Во него е прикажана и битката на жената помеѓу слободниот и животот посветен на Бога.
Мајка Тереза ја игра шведската актерка Номи Рапас, Никола Ристановски го игра отец Фредерик, а Силвија Хокс сестра Агнешка.
Директорка на фотографија е Виржини Сен-Мартан од Белгија, сценографијата е на Вук Митевски, а прв асистент на режија е Јане Ќортошев.