МАКЕДОНИЈА СО „НАЈСРЕЌНИОТ ЧОВЕК НА СВЕТОТ“ И „СЕВЕРЕН ПОЛ“ ПАК ИМА ДВА ФИЛМА КАНДИДАТИ ЗА ОСКАР

    МАКЕДОНИЈА СО „НАЈСРЕЌНИОТ ЧОВЕК НА СВЕТОТ“ И „СЕВЕРЕН ПОЛ“ ПАК ИМА ДВА ФИЛМА КАНДИДАТИ ЗА ОСКАРСцени од „Најсреќниот човек на светот“ и “Северен пол“.

    Македонија и за Оскарите во 2023, како и во 2021, има два филма во трка за номинации за најдобар странски и краток филм. „Најсреќниот човек на светот“ на режисерката Теона Стругар Митевска е македонски кандидат за најдобар странски филм, за кој одлучува Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ). Филмот имаше светска премиера на 2 септември во програмата Хоризонти на Венецискиот фестивал.

    „Северен пол“ на Марија Апчевска-Петровска лани на 22 ноември ја освои Големата награда на фестивалот на документарен и краток филм ЗИНЕБИ во Билбао, Шпанија и со тоа се квалификуваше за кандидат за Оскар 2023, бидејќи според правилата, за кандидатура во 2023 се квалификуваат сите кратки филмови кои победиле на оскаровски фестивали во периодот од октомври 2021 до септември 2022. Филмот на Апчевска имаше светска премиера лани на Канскиот фестивал и беше во официјална селекција за Златна палма.

    Во трката за Оскар 2021 беа „Врба“ на Милчо Манчевски и „Налепница“ на Георги М. Унковски, но не влегоа во потесниот избор за номинации.

    Македонскиот документарец „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубо Стефанов во 2020 имаше историски две номинации, за најдобар документарец и за најдобар странски филм, за првпат и во македонската, но и во историјата на Оскарите. Претходно, во 1995, „Пред дождот“ на Милчо Манчевски имаше номинација за најдобар странски филм.

    Свеченото доделување на 95. награди на Академијата за филмска уметност и наука е закажано на 12 март 2023.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира