Институциите имаат право да изнајмуваат простори, но директорите треба да припазат кога го прават тоа, да знаат какви програми и со каква содржина ќе се одржуваат, рече министерот за култура Седат Сулејмани на денешната прес-конференција на прашањето како се дозволило споменикот Македониум во Крушево, еден од најпознатите македонски објекти во светот, да биде изнајмен за околу 500 евра за снимањето на спотот „Секси мама“ на косовскиот рапер Дон Џони, што има 4,3 милиони прегледи на Јутјуб.
Во Македониумот се наоѓа и гробот на Никола Карев, претседателот на Крушевската република создадена со Илинденското востание во 1903.
Министерот Сулејмани, кој на функцијата стапи на 13 јули со реконструкцијата на Владата како кадар на „Вреди“, рече дека спотот бил снимен претходно, но оти за него ова е нов случај за кој дознал утрово, па ќе му требаат подетални информации.
„Свесен сум за случајот. Ние како Министерство надлежни сме да ги браниме сите артисти и културни работници. Имаме еден случај што станува чувствителен. Но, за тоа ќе треба да видиме со правните служби како можеме понатаму ако треба некаква законска измена да се направи. Сè уште немам детални податоци и сме во процес и ќе видиме и со Владата ако треба ќе седнеме и ќе решиме. Деталите не ги знам, случајот е нов за мене, утрово дознав и ако кажам нешто веројатно ќе згрешам. Ќе земам дополнителни информации и ќе видиме како понатаму”, изјави Сулејмани.
Директорот на Историскиот музеј Крушево, Миха Оџаклиески, вчера за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека продукцијата побарала дозвола и тие ја дале.
„Просторот беше отстапен за снимање спот. И на Управен одбор имаме донесено одлука да може просторот да се отстапува со соодветна цена, се наплатува. Тие имаа доставено до нас објаснување дека просторот ќе се користи за снимање спот. Немаме точно оформена цена, се отстапува на саати, на пример околу 500 евра за 5-6 саати“, ни изјави Миха Оџаклиески.
Директорката на Управата за заштита на културното наследство Весела Честоева ни изјави дека од нив не е побарана дозвола за снимање во споменикот во Крушево. Директорката вели дека често до нив пристигнуваат барања за снимања на емисии, спотови, во објекти кои се заштитено културно наследство. Дозвола се дава ако е во согласнот со промоција на македонската култура, уметност и наследство.
Лани, македонската група „Некст тајм“ го објави проектот „Македониум“ снимен во истоимениот споменик.
Споменичкиот комплекс Македониум е дело на уметниците Јордан и Искра Грабулоски, а отворен е на 2 Август 1974, на денот на 30-годишнината на заседанието на АСНОМ и 71-годишнината од Илинденското востание. Во 2018, австралискиот магазин „Аркитекчр енд дизајн“ (Architecture & Design) го вброи меѓу десетте најуникатни градби во светот. Во 2016, американскиот магазин „Аркитекчурал дајџест“ (Architectural Digest) го стави на листата на седумте најинтересни бруталистички градби во светот.
Изминатово лето споменикот, кој со години протекува, почна превентивно да се заштитува со метална конструкција на галериите со витражи и стакла. Директорката на Завод и музеј-Прилеп Мимоза Христоска тогаш ни изјави дека се работи за привремено решение и дека основниот проект за санација за добро во опасност поминал низ Националниот конзерваторски центар (НКЦ) и Управата за заштита на културното наследство. По нејзината изјава, директорката Честоева кажа дека Управата не дала дозвола за конзерваторските работи на споменикот Македониум да се постават металните решетки и дека следи инспекциски надзор. Уште се чекаат резултатите од од инспекцискиот надзор.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



