МАКЕДОНСКИОТ И СЛОВАЧКИОТ ЈАЗИК ГИ НАРЕКУВААТ „МАЛИ ЈАЗИЦИ“, НО ПРАВАТ ЗНАЧАЈНИ ДЕЛА, РЕЧЕ ИВАН ШТРПКА, ЛАУРЕАТ НА ЗЛАТНИОТ ВЕНЕЦ НА СВП

    МАКЕДОНСКИОТ И СЛОВАЧКИОТ ЈАЗИК ГИ НАРЕКУВААТ „МАЛИ ЈАЗИЦИ“, НО ПРАВАТ ЗНАЧАЈНИ ДЕЛА, РЕЧЕ ИВАН ШТРПКА, ЛАУРЕАТ НА ЗЛАТНИОТ ВЕНЕЦ НА СВП„Во словенскиот свет обично зборуваат и за словачкиот и за македонскиот јазик како за 'мали јазици', но ова е една битна потврда дека бројот на говорници не е преголем, но нашите 'мали јазици' прават и вакви значајни дела и потребно е светот да ги види, да ги оцени и да ги вреднува уште повеќе. Ние немаме потреба да докажуваме дека впрочем во никаква смисла не сме мали“ рече Штрпка во Струга. (Фото: СВП)

    Словачкиот и македонскиот јазик потекнуваат од иста база, а „малите јазици“ прават вакви значајни дела и потребно е светот да ги слушне и дознае за нив, рече словачкиот поет Иван Штрпка, годинашен добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата (СВП). Вечерва почнува 64. издание на Струшките вечери на поезијата (СВП), кое ќе трае до 25 август.

    „Вие сте држава што знае да ги почитува добрите вредности и задоволство ми е што денес сум присутен меѓу вас. Многу сум среќен што успеавме за краток период да изработиме едно извонредно издание од мојот вкупен поетски опус. Изборот на песни го направив лично. Благодарен што покрај македонската, со преводот на англиски јазик и меѓународната публика ќе има можност да ужива во убавиот пишан збор. Ова издание испраќа и една естетска порака во поширокиот свет на културните случувања. Изборот во книгата го сфаќам како знак на лична почит, но и воопшто на словачката модерна поезија. Добивањето на наградата е од огромно значење и за афирмацијата на словачката поетска реч во денешниот турбулентен свет. Во културната смисла на зборот и во поглед на преминот на границите словачкиот и македонскиот јазик потекнуваат од иста база. Во словенскиот свет обично зборуваат и за словачкиот и за македонскиот јазик како за ‘мали јазици’, но ова е една битна потврда дека бројот на говорници не е преголем, но нашите ‘мали јазици’ прават и вакви значајни дела и потребно е светот да ги види, да ги оцени и да ги вреднува уште повеќе. Ние немаме потреба да докажуваме дека впрочем во никаква смисла не сме мали“ рече Штрпка на денешната прес-конференција.

    Поетот, како што е традиција за лауреатите, засади дрвце во Паркот на поезијата, до кое стои табла испишана со неговото име.

    „Поетското гледање на денешниот свет е речиси неминовно, бидејќи искрено доаѓа од душата. Бев почестен и со садењето дрво во Паркот на поезијата, каде ги видов дрвата и на други светски реномирани поетски бардови. Некои од нив ги познавав и лично, беа и мои пријатели. Сфатив дека сум во едно незаменливо друштво. Пресреќен сум што ме удостоивте да се најдам во таков круг на светски поетски имиња. Изразувам надеж дека во блиска иднина во паркот ќе израсне една голема шума и никој никогаш нема да се осмели да ја пресече благородната шума“, додаде Штрпка.

    Свеченото отворање на Фестивалот ќе се одржи вечерва со палење на фестивалскиот оган и читање на антологиската „Т’га за југ“ на Константин Миладинов во Домот на поезијата. Потоа следува меѓународното поетско читање „Меридијани“, на кое ќе настапат поети од различни меридијани и култури, пренесувајќи ја својата поетска мисла во градот на мостовите.

    Од денеска па до 25 август, на 64.  издание на СВП ќе учествуваат 70 поети од различни делови на светот. Фокусот на годинашното издание е глаголицата, првата словенска азбука, составена од браќата Кирил и Методиј во 9. век, којашто содржела 38 букви и на која биле напишани најстарите црковни книги.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира