Изложбата „Приказни за Летната школа по архитектура во манастирот Св. Јоаким Осоговски 1992-2017“, која беше македонски претставник на 18. Венециско биенале на архитектура, од вчера е поставена во Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски. Изложбата во Скопје следи шест месеци по претставувањето во Венеција. Носител на проектот е здружението „Градот убав“, комесар на проектот е Дита Старова-Ќерими, директорка на Националната галерија на Северна Македонија (НГСМ), а куратори се Александар Петановски, Димитар Крстески, Дарко Драгановски, Марија Петрова и Горан Петров.
„Ние не сме голема, моќна и богата земја, но, без било каква дилема имаме традиција, култура, уметност и архитектура на највисоко ниво. Имаме креативци и автори кои имаат што да му кажат и покажат на светот. И сево ова треба да го негуваме и поддржуваме.
Морална обврска на секој од нас е во рамките на нашите можности, а, на секоја институција законска обврска е, согласно надлежностите, да работиме на афирмација на македонската архитектура и на македонските автори. Во корелација со насловот на изложбата, од минатото за иднината, нека ова богатство, оваа убавина биде наш влог за едно време, кое, да се надеваме, ќе биде посреќно од денешново. Токму архитектурата поседува содржина, тежина и значење што трае низ вековите. Или, како што вели еден од најпознатите архитекти на нашето време, Френк Гери, ‘Архитектурата треба да ги опишува времето и местото, но и да се стреми кон неминливост’. Верувам, не е претерано ако кажеме дека нашите архитекти, нашите уметници, создаваат вечност и неминливост“, кажа Пендаровски.
Излагачи во поставката се Минас Бакалчев, Митко Хаџи-Пуља, Александар Радевски, Саша Тасиќ и Димитар Папастеревски. Соработници се: Амир Ахмети, Егзона Зендели, Кире Ставров, Влера Тачи, Теодора Илиевска, Сара Алаѓозовска, Ахмед Пошка, Тамара Павлеска, Теодора Стеваноска, Марија Илиев, Горан Трајановски, Маријана Јаневска, Кристијан Ристовски, Едон Фетаху, Никола Момировски, Фјола Пустина, Симона Костовска, Александра Наумовска, Ива Митевска, Енис Абовски, Кирил Кочоски, Мила Јакимовска, Харика Шехаби, Илија Мошев и Домника Бошкова.
„Летната школа на Архитектонскиот факултет, Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’ во манастирот ‘Св. Јоаким Осоговски’ од еден локален настан набрзо стана еден меѓународен јаз, кој ги собираше различните луѓе и идеи. Оваа поставка сака да даде една документарна основа на сеќавањата, приказните, замислите, доживувањата, изложени на заедничка маса, на сличен начин како што на чардакот од конакот се разговараше, работеше, изложуваше. На тој начин собраните објекти, слики, записи, цртежите како трагите од минатото ни сведочат за една можна заедничка иднина“, вели Ива Петрунова, претседателка на Здружението.
Б. НЕСТОРОСКА