„МЕМЕНТО“ НА ДИМИТРИЕ ОСМАНЛИ ДЕНЕС ЌЕ СЕ ПРИКАЖЕ ВО МОМА ВО ЊУЈОРК, ВО РЕВИЈАТА НА ЈУГОСЛОВЕНСКИОТ ФИЛМСКИ ЦРН БРАН

    „МЕМЕНТО“ НА ДИМИТРИЕ ОСМАНЛИ ДЕНЕС ЌЕ СЕ ПРИКАЖЕ ВО МОМА ВО ЊУЈОРК, ВО РЕВИЈАТА НА ЈУГОСЛОВЕНСКИОТ ФИЛМСКИ ЦРН БРАНМоМА на својата веб-страница најавува дека „'Мементо' зборува за совеста и се карактеризира со една од најдобрите монтажи некогаш изведени на целулоидна филмска лента.

    Македонскиот филм „Мементо“ на режисерот Димитрие Рули Османли денеска (16:30 по локално време) ќе се прикаже во Музејот на модерна уметност (МоМА) во Њујорк, како дел од ретроспективата на Југословенскиот филмски црн бран во Музејот.

    Како што вели Кинотеката, ретроспективата се одржува од 7 до 21 септември, и е насловена како „Од црн бран до бел зрак“. Селекцијата на репрезентативни филмови ја подготвија Мина Радовиќ, млада филмска критичарка, кустос и архивистка, како надворешен соработник, и Дејвид Кер, куратор во Одделението за филм во МОМА, а во соработка со кинотеките од регионов – Југословенската, Босанската, Македонската и Хрватската, како и со Словенечкиот филмски центар.

    Покрај „Мементо“, на оваа ретроспектива ќе бидат прикажани уште 14 филмови и тоа: „Три“, „Понеделник или вторник“, „Љубовниот случај или трагедијата на службеничката во П.Т.Т.“, „Танцувајќи на дождот“, „Пладне“, „Кога ќе бидам мртов и бел“, „Празник“, „Собирачи на пердуви“, „Рој“, „Мали војници“, „Чудна девојка“, „Не се враќај по истиот пат“, „Светиот песок“ и омнибусот „Град“.

    „Мементо“ е втор игран филм на Османли, еден од пионерите на македонската професионална и организирана филмска продукција. Во текот на својот работен век ги има снимено „Жед“ и „Ангели на отпад“, како и првата македонска филмска комедија „Мирно лето“, а режирал и бројни ТВ и радиодрами, тв-серии, музичко-забавни емисии, театарски претстави, кратки филмови и репортажи. Автор е и на неколку сценарија, а неговиот краткометражен „Бунт на куклите“ минатата година беше прикажан на реномираниот фестивал Ил чинема ритровато (Il Cinema Rittrovato) во Болоња, Италија, како дел од програмата подоготвена од Мина Радовиќ, која стои зад циклусот на Југословенскиот црн бран во МоМА.

    МоМА на својата веб-страница најавува дека „’Мементо’ зборува за совеста и се карактеризира со една од најдобрите монтажи некогаш изведени на целулоидна филмска лента. Филмот силно потсетува на делата на францускиот филмски мајстор Алан Рене. Земајќи го земјотресот како појдовна точка за критички размислувања за различни прашања како што се Холокаустот, нуклеарните катастрофи и Виетнамската војна, ‘Мементо’ претставува калеидоскоп на 20-иот век, а воедно и лична потрага по мир во овој бурен свет“.

    Филмот е снимен во 1967 година, вдаховен од „Рапсодијата за Скопје“ за пијано и симфониски оркестар (1966) на композиторот и диригент Александар Џамбазов. Токму со ова музичко дело треба да настапи и германскиот диригент Вили Милер, еден од главните ликови во филмот, кога се враќа во Скопје неколку години по земјотресот. Повторно се среќава со Јана, која ја запознал како студентка и некогаш со неа поминал убави и безгрижни денови запознавајќи го градот. Ќе се испостави дека заминал ден пред да се случи земјотресот и воопшто не знаел за судбината и семејната трагедија на неговата пријателка. Сега, кога се среќаваат по неколку години, нивните разговори се исполнети со реминисценции кон минатото, со размислувања за смислата на постоењето, за личните и светските трагедии. За сопствената и за болката на целиот свет, за „мрачната страна на човечкото искуство“.

    Таа „нездрава фиксација за мрачната страна на човечкото искуство“ карактеристична за дел од разбрануваната кинематографија на 1960-тите, како што стои во пропратниот текст на МОМА за ретроспективата на Југословенскиот црн бран, била инспирација и за создавањето на самиот термин – „црн бран“.

    „Филмовите кои во киносалите, на филмското платно пред публиката ги извадиле забранетите теми како отуѓувањето и очајот, војната и страдањето, социјалната мизерија и ниските страсти, бунтовништвото и анархијата, безделничењето и безидејноста, во кои идологијата е отфрлена а дубиозата е сеприсутна – тие филмови биле оспорувани, оцрнувани, понекогаш и цензурирани и забранувани – не само од режимот туку и од тогашната филмска критика. Но во меѓународната сфера останале запаметени, нивната порака била примена, и оваа ретроспектива е обид тие наслови повторно да го добијат заслуженото внимание и место во рамките на светската кинематографија“, вели Кинотеката.

    „Мементо“ на 26 јули,  токму на 60-годишнината од скопскиот земјотрес, ја имаше својата втора премиера, односно премиерна проекција на дигитализираната копија на филмот во рамки на програмата на третото издание на „Сезона на филмски класици“ – проект во реализација на Европската асоцијација на кинотеки (ACE), а финансиран од програмата МЕДИА на Европската комисија. Македонската Кинотека  четврта година по ред партиципира со македонски филмови во оваа програма, а оваа година со средства од истата програма е финансирана и дигитализацијата на филмот.

    „Интересно е што домашната јавност веднаш забележа дека ‘Мементо’ во МоМА ќе се прикажува токму на денот кога се паѓа 22-годишнината од тамошната – њујоршката трагедија, односно уривањето на двете Кули близначи во терористичкиот напад што се случи на 11 септември 2001 година. Втората проекција на филмот, пак, ќе се одржи на 16-ти септември“, велат од Кинотеката.

    Пред пет години, во есента 2018 година во истиот музеј се одржа и ретроспектива на филмовите на режисерот и директор на фотографија Карпо Година – во програмата претставен како „ половина словенечки, половина македонски филмски уметник“ – чие творештво е исто така тесно поврзано и испреплетено со југословенскиот црн бран.

    Во истиот период, паралелно со циклусот на Година, проекти од македонските архитекти и уметници Георги Константиновски, Јанко Константинов, и Јордан и Искра Грабул, како и макети од „идното“ Скопје на Кензо Танге беа изложени во МоМА како дел од изложбата „Бетонска утопија: Архитектурата во Југославија, 1948-1980“.

    Неколку месеци подоцна, во април 2019 година и „Медена земја“ на Котевска и Стефанов имаше две проекции во една од киносалите на МОМА, во рамките на 48-то издание на њујоршкиот фестивал „Нови режисери/Нови филмови“ (New Directors / New Films) посветен на авторите во подем.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира