Три жени се номинирани за најдобар режисер на годинашните Златни глобуси, со што за првпат во 77-годишната историја доминираат во однос на своите машки колеги. Клое Џао („Земја на номади“), Реџина Кинг („Една ноќ во Мајами“) и Емералд Фенел („Надежна млада жена“) ќе се борат за признанието, заедно со Дејвид Финчер („Менк“) и Арон Соркин („Судењето на чикашките седуммина“).
„Менк“, биографскиот филм за сценаристот на „Граѓанинот Кејн“ Херман Манкиевич, ја предводи листата со шест номинации. Следува уште една драма на „Нетфликс“, „Судењето на чикашките седуммина“, со пет.
Во категоријата драма, за најдобар филм се номинирани „Менк“, „Земја на номади“, „Надежна млада жена“, „Татко“ и „Судењето на чикашките седуммина“, додека за најдобра комедија/мјузикл конкурираат „Борат 2“, „Хамилтон“, „Музика“, „Палм Спрингс“ и „Матура“.
Чедвик Боузман посмртно е номиниран за најдобар актер во драма за својата последна филмска улога во „Ма Рејни: Мајка на блузот“, покрај Ентони Хопкинс („Татко“), Гери Олдман („Менк“), Риз Ахмед („Звукот на металот“) и Тахар Рахим („Мавританецот“).
Во женска конкуренција, тоа се Андра Деј („САД против Били Холидеј“), Кери Малиган („Надежна млада жена“), Френсис Мекдорманд („Земја на номади“), Ванеса Кирби („Делови од жена“) и Вајола Дејвис („Ма Рејни: Мајка на блузот“).
Наградите ќе бидат доделени на 28 февруари.