Кинотека на Македонија најави богата програма за наредниот месец, со посебен акцент на кариерите на неодамна починатиот германски актер Бруно Ганц и на прославениот македонски режисер Кирил Ценевски.
Ревијата посветена на Ганц, кој почина пред две недели, ќе опфати четири негови филма, почнувајќи со „Небото над Берлин“ во режија на Вим Вендерс. Исто така, ќе можат да се погледнат неговиот најпознат филм „Пад“, во којшто го игра Адолф Хитлер, македонската копродукција „Сведок“ на Митко Панов и „Куќата што ја изгради Џек“ на Ларс фон Трир, еден од последните филмови во кои играл.
Во март ќе биде прикажан и опус од четири играни филма на Кирил Ценевски (1943), кои Кинотеката дигитално ги реставрираше и ги издаде на ДВД. Тоа се „Црно семе“ (1971), за кој Ценевски доби Златна арена на Пулскиот фестивал, „Јад“ (1975), „Оловна бригада“ (1980) и „Јазол“, неговиот последен филм од 1985 година.