МИ ЛЕЖИ ХУМОРОТ НА РУМЕНА БУЖАРОВСКА И ЗАТОА ИЗБРАВ НЕЈЗИН РАСКАЗ ОД „НЕ ОДАМ НИКАДЕ“ ЗА МОЈОТ НОВ ФИЛМ „ОСМИ МАРТ“, ВЕЛИ СРПСКИОТ РЕЖИСЕР СРЃАН ДРАГОЈЕВИЌ

    МИ ЛЕЖИ ХУМОРОТ НА РУМЕНА БУЖАРОВСКА И ЗАТОА ИЗБРАВ НЕЈЗИН РАСКАЗ ОД „НЕ ОДАМ НИКАДЕ“ ЗА МОЈОТ НОВ ФИЛМ „ОСМИ МАРТ“, ВЕЛИ СРПСКИОТ РЕЖИСЕР СРЃАН ДРАГОЈЕВИЌСрпскиот режисер Срѓан Драгојевиќ неодамна беше гостин на Саемот на книга во Скопје; - Со Румена Бужаровска. (Фото: Три)

    Српскиот режисер и сценарист Срѓан Драгојевиќ, еден од најзначајните современи автори во регионот, ќе снима филм според расказот „Осми март“ од збирката „Не одам никаде“ на македонската писателка Румена Бужаровска, потврди тој за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Режисерот на популарните српски филмови како „Рани“, „Убавите села, убаво горат“, „Ние не сме ангели“, „Парада“, ни рече дека проектот „Осми март“ сакал да го снима уште пред повеќе години, само што ја прочитал нејзината збирка раскази. „Не одам никаде“ е последната зборка на Бужаровска. Нејзината претходна зборка раскази „Мојот маж“ досега е преведена на четиринаесет јазици и е поставена како театарска претстава во шест земји.

    „Се запознавме со Румена, почнавме да се дружиме и во еден момент дојдов во Скопје да ги почнам подготовките за ‘Од рајот’ (Небеса). Румена ми се јави да ми каже дека мојот колега од Загреб, Бранко Шмит, сака да ја адаптира истата оваа приказна. Сметам дека е многу важно да се биде колегијален, и ѝ реков на Румена слободно да му ја даде приказната на Бранко, затоа што не се знае кога ќе можам јас да ја работам“, вели Драгојевиќ.

    После тоа, Шмит ја развивал приказната со хрватска сценаристка, двапати конкурирал во Хрватскиот филмски фонд, не поминал, и на крајот се откажал.

    „Тоа не ме чуди, ‘Осми март’ сепак мора да се случува во земја од Балканот која не е членка на ЕУ. Поинакви се тука околностите, професорите и целата интелектуална класа е потценета и во голема мера понижена. Се наоѓа на работ на егзистенција, целосно го изгуби значењето. Така, ‘Осми март’ може да се случува во Скопје, Белград, Сараево, Приштина, а доста потешко во Загреб или Љубљана. Мислам дека и Румена беше свесна за тоа, читајќи ја таа верзија на сценариото. Кога се откажа Шмит, ми се јави и ме праша дали сум заинтересиран ‘Осми март’ да го снимам како нов филм. Секако дека бев среќен што оваа приказна ми се врати, како да, сепак, беше наменета за мене. Не ми беше тешка адаптацијата на приказната во сценарио, некако ми лежи хуморот на Румена и нејзиниот поглед на свет. Така што, сценариото е доста верно на оригиналната прoза, што го сметам за доста важно. Ако ви се допаѓа нечија приказна или роман, ќе се трудите да го почитувате авторот или авторката и да бидете верни на оригиналниот материјал. Секако, во петтата-шестата верзија се вклучи и Румена, па неколку верзии направивме заедно. Мислам дека сега тоа е добро сценарио и дека ќе успееме на почетокот на следната година да почнеме со снимање“, рече Драгојевиќ.

     

    Драгојевиќ во Скопје ја промовираше својата книга „Чат-пат е добро да се читне некоја книга за да не се испадне глупав во друштво“; – Со Румена Бужаровска. (Фото: Три)

    Филмскиот проект „Осми март“ ги добил парите за продукција во Србија и е во фаза на конкурирање на регионални и европски фондови за копродукција. Периодов почнале да аплицираат, сѐ уште немаат резултати, но очекуваат да бидат успешни уште со првите пријави во Хрватска, Словенија и во Македонија. Резултатите би требало да стигнат во исто време, после мај.

    „Ова е секогаш некој стандарден пат за секој проект, во земјите во кои државните фондови им даваат повеќе пари на своите филмови, потребен е помал број копродукции. Српскиот фонд, за жал, никогаш не дава повеќе од 20-25 отсто од буџетот, па тој процес на составување на финаниска конструкција е долг и бара барем уште 5 или 6 земји. Тоа за продуцентите е голем предизвик, но мене, како режисер, ме радува што ќе имам можност да соработувам и со глумци, автори од соседните земји, но и да снимам во нив. Делови од последните два филма снимав во Македонија, ‘Парада’ во Битола и ‘Од рајот’ (Небеса) во Скопје, секој по 7-8 денови и тоа секако ги збогати филмовите во визуелна смисла“, ни рече Драгојевиќ.

    За тоа кој ќе глуми во филмот, вели дека засега е сосема сигурен оти Ксенија Мариновиќ од Хрватска ќе ја глуми Весна, главната улога. „Осми март“, е вели, филм, кој целосно се врти околу овој лик, па дури и може да се рече дека на некој начин е „филмска монодрама“. За него е интересно што има дури 22 женски улоги, а само неколку машки.

    „Имам глумци и глумици со кои многу би сакал да работам, од Словенија до Скопје, но не ми е пријатно да излегувам со имиња во волку рана фаза. Зборував со Румена да разгледуваме глумци, она ми посочи на неколку актерки од Македонија кои не ги познавав лично. Но, сѐе тоа еден интересен и креативен процес, во кој се надевам дека наскоро ќе влеземе. Она што е интересно овде е дека сите наши копродуценти во проектот од различни земји се жени, тоа спонтано се случи, во насока на феминистички филм. На крајот на краиштата, 20 години работам со продуцентката Билјана Првановиќ“, рече Драгојевиќ.

    Режисерот додава дека многу му се допаѓа прозата на Бужаровска. Покрај оваа приказна, разговараат да работат една „антологиска“ серија според 10 нејзини приказни, допрва ќе видат за кого.

    „Се надевам дека ќе престане таа опсесија со крими приказни, што е тренд сега, и дека ќе се вратиме на некои нормални, секојдневни ликови и нивните подеднакво важни судбини и животи. Но, можеби е рано да се зборува за тоа, додека немаме телевизија која ќе застане зад проектот“, кажа Драгојевиќ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира