МИ СЕ ПЛАЧЕ, А СРАМОТА Е ДА ПЛАЧАМ, ЏИБИ ПРВ БИ МЕ ИСКАРАЛ, РЕЧЕ ВЛАДИМИР МИЛЧИН НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ЗА КРСТЕ С. ЏИДРОВ

    МИ СЕ ПЛАЧЕ, А СРАМОТА Е ДА ПЛАЧАМ, ЏИБИ ПРВ БИ МЕ ИСКАРАЛ, РЕЧЕ ВЛАДИМИР МИЛЧИН НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ЗА КРСТЕ С. ЏИДРОВ„Џиби го создаде тој еден огромен опус, тоа е таков голем опус пред кој човек може само да се обиде да замисли, колкав влог, колкава енергија, колкава љубов и трпение имаше Џиби за оние кои работеа во театарите каде тој доаѓаше еднаш два пати, пет пати“, рече Милчин на комеморацијата. (Фото: К. Попов)

    „Просто, ми се плаче, а срамота е да плачам. Прв Џиби би ме искарaл ако се расплачам“, рече денеска режисерот Владимир Милчин на комеморацијата за неговиот најблизок другар и соработник, Kрсте С. Џидров, еден од најзначајните македонски сценографи и архитект, скопска легенда познат по прекарот Џиби, кој почина на 73 години на 3 септември.

    Џидров, театарски работник кој има работено во сите театри низ Македонија, беше погребан вчера, социјалните мрежи со денови се преплавени со испраќање на последни поздрави, а на денешната комеморација во Кинотеката, во организација на Друштвото на филмски работници, дојдоа околу 60-тина колеги и пријатели. Беше прочитана само една телеграма, од директорката на Македонскиот народен театар (МНТ), Симона Угриновска.

    Од денешната комеморација за Џидров во Кинотеката. (Фото: К. Попов)

    „Има една пиеса од Брехт, ‘Добриот човек од Сечуан’. И ние имавме добар човек и го имаме сѐ уште во нашите сеќавања, во убавите, во неубавите моменти. Џиби е всушност добриот човек на македонскиот театар. Џиби го имаше ширум Југославија. Мислам дека нема театар во Макеоднија во кој Џиби не направил претстава, мислам дека и на Косово нема театар. Тоа е таков голем опус пред кој човек може само да се обиде да замисли, колкав влог, колкава енергија, колкава љубов и трпение имаше Џиби за оние кои работеа во театарите каде тој доаѓаше еднаш два пати, пет пати“, зборуваше Милчин.

    Милчин и Џиби се запознале, вели тој, како пред еден век, пред земјотресот, во школото во Центар „Гоце Делчев/В. И. Ленин“.  Со нивни школкси другари ја формирале Поречанско извидничката чета, а пвото логорување било на остров на Вардар, кај мостот во Нерези.

    „Се разбира тука не завршува приказната, се случуваат Глотарите, како може без Џиби. Не може. Мора некој да ја држи температурата, мора некој да се грижи за расположението, за оптимизот и тогаш кога не изгледа дека е тоа баш соодветно. Но, тој не дозволува нешто да го запре, него ниту оние кои се со него. Следеше театарската работилница ФФ, Џиби пак е тука.
    Двете негови битни страни се: насмеан, ама и загрижен, но прави сѐ за загриженоста да не се прошири како епидемија во ансамблот. Беше мотор.
    Џиби беше некој кој секогаш се обидуваше да ја најде убавата страна, и тогаш ако одеше настрана, тој ја враќаше каде треба да биде, за може да се игра, да се црта, да се режира. Џиби сакаше да живее, ама така што ќе живее со другите, а не сам, не само со семејството, не само со тесната околина и тоа беше многу природно. Беше чисто, отворено, искрено и тоа се особини кои не многу често се собираат во една личност. Џиби е доказ дека театарот е  нешто што ни е неопходно. Ни требаат нови личности, нови уметници, нови театарски уметници како Џиби, не знам јас дали ќе го дочекам тоа“, рече Милчин.

    „Остави зад себе сцени каде што долго ќе се создаваат новите театарски дејци и каде што долго време ќе се слуша аплауз од публика“, рече Идризи. (Фото: К. Попов)

    Некои негови претстави се сѐ уште на репертоар. Последната заедничка претстава ја направивиле во мај во Прилеп, „Аудиција“. Меѓу последните премиери на Џидров беше и „Лагата“ во МНТ во режија на Бесфорт Идризи.

    „Џиби го запознав како нетипчен професор додека бев студент на ФДУ, за потоа да делиме канцеларија во Детски театарски центар. Секојдневно се дружевме, иако според возраста можеше да ми биде родител. Со него имав прилика да патувам на различни места и како двајца непушачи, спиевме во иста соба. На овие патувања успеав да видам што сѐЏиби оставил зад себе. Речиси да немаше место каде што тој не проектирал фасада, алуминумска конструкција или да не учествувал на некој саем за градежништво. За голем дел од тие градби раскажуваше за разни случувања и анегдоти. Речиси да немаше место каде што тој не бил со некоја претстава на некој фестивал или со некоја копродукција. А овие места буквално беа од Русија до Африка и од Њујорк до Монголија. А кај нас тој направи неколку битни нешта што оставаа белег на секој што се бави со театар. Тој ги направи сцена и студијата за работа на студентите на ФДУ, студија, кои како што разбрав ден-денес ги викаме базени како што тој ги крсти.

    Остави зад себе сцени каде што долго ќе се создаваат новите театарски дејци и каде што долго време ќе се слуша аплауз од публика. Тој зад себе остави нешто што е многу позначајно, тој остави многу пријатели, насмевки, љубов, прекрасно семејство во кое ќе продолжат да се сеќаваат на неговите дела. А кога сме кај семејствата сакам да споделам една анегдота: Еден ден доаѓа Џиби во Детски театарски центар, нервозен, лут, со тешки чекори се качува по скалите, нешто мрмори, влегува во канцеларијата. Го прашувам што е работата, што се случува? Во негов манир, ништо не одговори, потоа пак го прашувам и вели: ‘Дома запнаа некоја кујнска вага треба да наместам, тие што се ставаат на ѕид. Сега со тоа си ја мачам главата’. Е па добро, му велам, што има тука лошо? ‘Е па тие ваги мора рамно да бидат наместени и според домашните, тоа мора да биде наместено со васер-вага’, вели Џиби, и додава: па немам таква васер-вага. Па добро Џиби, јас имам, ќе ти дадам. Ме гледа и ме прашува: ‘авистина имаш таква васер-вага’? Да, му велам. Отидовме и му ја дадов. Се среќаваме утредента, ја носи васер-вагата и ми ја враќа. Го прашувам: Ја намести? Право е? Со васер-вага? ‘Не’, ми одговара. Па како ја намести? ‘Ја оставив тука, колку дома да гледаат дека има васер-вага. Дома моите забораваат дека јас сум архитект и дека има уште 15 други начини да измерам’. Ова го раскажувам насекаде и Џиби нема да те заборавиме ни како архитект, ниту како сценограф“, рече Идризи.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира