ВО ОХРИД НЀ БАРАА ПО ПЛАЖИТЕ ДА НЀ ТЕПААТ ЗА ГОЛОТИЈА ВО „СВЕТА СОФИЈА“, ВЕЛИ СЦЕНОГРАФОТ КРСТЕ ЏИДРОВ ЗА ЈУБИЛЕЈОТ 35 ГОДИНИ ТВОРЕШТВО

    ВО ОХРИД НЀ БАРАА ПО ПЛАЖИТЕ ДА НЀ ТЕПААТ ЗА ГОЛОТИЈА ВО „СВЕТА СОФИЈА“, ВЕЛИ СЦЕНОГРАФОТ КРСТЕ ЏИДРОВ ЗА ЈУБИЛЕЈОТ 35 ГОДИНИ ТВОРЕШТВО„За мене е врзана анегдотата дека сум викенд сценограф. Бидејќи од 6 наутро до до 14 часот бев архитект, а потоа до крајот на денот и за време на викенди сум сценограф“, вели Крсте С.Џидров, автор на сценографии во 150 претстави во целиот регион/ Во МКЦ беше претставена ретроспективна изложба за 35 години кариера (Фото: Фејсбук)

    „Нема македонски театар каде не сум работел“, вели сценографот и архитект Крсте С. Џидров, кој годинава слави 35 години активна театарска дејност, а јубилејот беше обележан со ретроспективна изложба на неодамна завршениот Млад отворен театар (МОТ). Скопската легенда, познат по прекарот Џиби, во Младинскиот културен центар (МКЦ) на 96 паноа ги изложи педантно собираните сценографии, цртежи, скици и фотографии, скици и макети од претставите и филмовите кои ги работел од 1970-те сѐ до денес.

    Од ретроспективната изложба на годинашниот МОТ во Младинскиот културен центар (Фото: Приватна архива)

    Од 1980 година има направено сценографии за над 150 претстави во театрите низ Македонија, Хрватска, Косово, Србија, Шведска, Бугарија, Бих, платаи за 70 претстави, сценографии за 10 филмови, имал голем број изложби и добил повеќе награди. Соработувал со 41 режисер, меѓу кои се : Владимир Милчин, Димитар Станкоски, Коле Ангеловски, Слободан Унковски, Дритро Касапи, Зоја Бузалковска, Благојче Божиновски, Примож Беблер, Бесфорт Идризи, Рефет Абази, Дино Мустафиќ, Софија Ристевска, Катја Петрова, Куштрим Бектеши, Ујвидеки Синхаз, Срѓан Јаниќијевиќ и Александра Ковачевиќ.

    Џидров, кој во декември ќе наполни 68 години, за САКАМДАКАЖАМ.МК весело говореше за почетоците во театарот, за соработниците, за актерите, за патувањата низ Југославија, и за архитектурата.

    На 10-годишна возраст бил член на детската радиодрама, во време кога ѕвезди биле Љупка Димитровска, Коле Ангеловски, Владимир Дади Ангеловски, Наум Пановски, Димац Митковски. За време на студиите на Архитектонскиот факултет, Џидров се вклучува како актер во аматерскиот, кој станал култен театар, Театар кај Свети Никита Голтарот, кој во 1970 година го основале Владимир Милчин, Слободан Унковски и Мартин Панчевски.

    Театарот го добил тоа име бидејќи првата претстава ја подготвиле во манастирот „Свети Никита“ на Скопска Црна Гора и за да станат актрактивни, бидејќи работеле без пари, се нарекле Голтари. Во 1971 година, Милчин и Унковски во Скопје ја направиле претставата „Скици од преданието Каинавелско“ по мотивите на Славко Јаневски.

    Џидров вели дека е многу среќен што во неговата кариера се појавиле и офф театри, полуаматерски, аматерски и професионални театари и со колем ќеиф говори за Детскиот театарски центар, кој во 1999 година го основаа заедно со Бајруш Мјаку, Рефет Абази и Дритро Касапи (Фото: СДК.МК)

    Премиерата била на чардакот на манастирот, а за време на изведбата во „Света Софија“ на Охридско лето, се случил скандал.

    „Оваа претстава е актуелна и денес, бидејќи се работи за иселувањето на Македонците од Македонија. Во една сцена, Ненад Стојановски кој го играше Итар Пејо, вели: ‘Владо македонска, каде ви се шумите, каде ви отидоа децата’. Во тој момент, Ненад носи земја на сцената, се слекува гол и ја оплодува земјата, а во публика беа Лазар Колишевски, Крсте Црвенковскик Киро Глигоров, цел политички врв. Потоа излегоа реакци дека црквата е сквернавена, имаше многу текстови од типот ‘Гол глумец во ‘Света Софија” меѓу кои и написот во НИН од Момо Капор, ‘Осквернавени светците во ‘Света Софија’. Утредента пак, група на охриѓани нѐ бараа по плажите, сакајќи да нѐ тепаат. Едвај куртули Љубиша Никодиновски-Биш, кој не играше во претставата, туку неговиот лик беше на плакатот, па него го барале“, се сеќава Џидров.

    Од подготовките на претставата „Скици од преданието Каинавелско“ по мотивите на Славко Јаневски, во режија на Владимир Милчин и Слободан Унковски (Фото: Приватна архива)

    Потоа, Џидров играл Папа во претставата „Најмалото театарче во светот Зелена гуска“ на Милчин, која се играла на отворени сцени, и за време на една изведба во дворот на Архитеконскиот факултет, студентите почнале да фрлаат со јајца по глумците и публиката.

    „Во публика беа Јон Исаја и Мара Исаја, кои беа брендови на Драмски театар, па скандал настана дека јајцата ја уништија бундата на Мара“, се смее тој и продолжува дека кога еднаш ја играле претставата на Плоштад Македонија, биле собрани во полициска станица, бидејќи наликувале на деликвенти со долги коси и тапани.

    Неговата приказна со сценографијата почнува заедно со Симон Узуновски, со кого биле колеги од факултет, кога Милчин во 1982 година ги повикал првпат да работат во професионален театар, и во Театарот на народностите – Албанска драма ја направиле претставата „Бовча“.

    „Тоа веќе беше друго искуство, просторот е поинаков, ти наметнува сериозност. Двајцата бевме поинакви во однос на претходните сценографи, кои беа сликари, уметници и користеа поинакви материјали. Ние не користевме сликарска техника, сѐ беше од готов материјал кој се обликува за потребата. Порано ако на сцената требало да има дрво, се цртало дрво, а ние носевме дрво, па камења од река. Тогаш луѓето беа малку како збунети од тоа, а потоа на Македонскиот театарски фестивал ‘Војдан Чернодрински’ добивме и награда, затоа што бевме необични и иновативни“, вели Џидров.

    Џидров и Симон Узуновски во 1980-те години (Фото: Приватна архива)

    Со Узуновски потоа заедно работеле на 15-тина сценографии, а десеттото издание на МОТ се отворило токму со нивна заедничка изложба.

    Џидров работел и на последната претстава што ја режирал Илија Милчин, а неостварена му останала соработката со Петре Прличко.

    „Тој во Драмски требаше да ја работи ‘Силјан Штркот’, но ете нешто се случи, и претставата не се направи, а и ден денес ги чувам скиците. За сите 150 претстави ги чувам податоците, да имав место, не 96, 120 паноа ќе направев за изложбата“, вели тој.

    Како интересна ја истакнува соработката со режисерот Димитар Станкоски, за чии претстави „Чија си“ и „Грев или Шприцер“ ги направил и сценографиите и плакатите.

    „За ‘Чија си’, на постер ја ставив Мерилин Монро. Па ме прашуваа зошто баш неа и им велев: ‘Затоа што не знаеме чија е, дали на Кенеди или на Милер (ха, ха). Потоа за ‘Грев или Шприцер’, Диме ми вели : ‘Џибо, дај бе нешто да стаиме, да ги збуниме луѓево. Стај некоја гола женска’. Јас најдов една фотографија од списанија, па ми коментираа луѓето: ‘Ауу Џиби која е голава што си ја сликал’. Јас пак наведов едно име и сите се чудеа како е можно неа да сум ја убедил“, низ смеа се сеќава Џидров.

    Џидров од 1980 до 2004 на повеќе позиции работел во АД „Алумина“, каде бил главен проектант сѐ до стечајот во 2004.

    „За мене е врзана анегдотата дека сум викенд сценограф. Бидејќи од 6 наутро до до 14 часот бев во фабрика, а потоа до крајот на денот и за време на викенди сум сценограф“, се смее тој.

    Џидров вели дека е многу среќен што во неговата кариера се појавиле и офф театри, полуаматерски, аматерски и професионални театари и со колем ќеиф говори за Детскиот театарски центар, кој во 1999 го основаа заедно со Бајруш Мјаку, Рефет Абази и Дритро Касапи.

    „Вгодина ќе славиме 20 години постоење, а направивме преку 20 претстави. Работиме на професионално ниво, со познати режисери. Немаме вработени глумци, имаме само свој простор, а претставите ги даваме бесплатно организирано низ цела Македонија и Косово. Годишно имаме по 2 премиери, секоја наша претстава има 30 репризи“, рече Џидров.

    Скици за претстававата „Кафетерија“, 1985 година во Прилепски театар/ Скица за претставата „К’не“, 1988 година во Кумановскиот театар

    Тој има работено и на балетот „Силфида“ во Македонската опера и балет (МОБ), како и на десетина филмови, меѓу кои „Светло сиво“ на Дарко Митревски и „Ангели на отпад“ на Димитрие Османли.

    Џидров вели дека многу работел во Битолскиот театар, па дури си го сметал за матичен театар, а токму таму периодов работи на новата претстава на Милчин „Аждаја“, според текстот „Змеј“ на Евгениј Шварц.

    „Текстот е напишан во 1943 година, премиерата била во Берлин, а во Русија не се играл до 1960-Èте години бидејќи има алузии на владеењето на Сталин.  Премиерата во Битола ќе биде на роденденот на театарот, на 14 ноември“, вели Џидров.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира